Ќе се реновира објектот во кој е сместено Здружението на велешките пензионери
Старата зграда од шеесет години ќе добие нов лик. Целосно ќе се реновира салата во која пензионерите на Велес меѓусебно се дружат. Стариот под ќе биде заменет со нов, прозорците и вратите ќе се офарбаат, а со нови ќе бидат заменети и масите и столовите. Приоритет за надлежните во Здружението ќе биде хигиената, која досега беше на многу ниско ниво, а на која многу често се жалеа пензионерите кој го посетуваа домот. Обновени ќе бидат кујната и тоалетите кои досега беа во катастрофална состојба.
„Приоритет ќе ни биде хигиената. Се она што е потенцијален извор на бактерии ќе биде отстрането и заменето со ново. Погледнете ја само ламперијата, катастрофална е и е полна со бактерии. Срекоја чест на тие што ја наместиле, но таа требало досега да се одржува и да биде чиста. Мора да внимаваме на хигиената, на пензионерите ова им е втор топол дом и просторијата мора да биде чиста, рече претседателот на Здружението на пензионери Веле Алексовски.
Освен реновирањето на внатрешноста на објектот, надлежните ќе ја обноват старата и дотрајана водоводна и канализациона мрежа во зградата. И на неа пензионерите, особено станарите во зградата се жалеа со години наназад. Од издупените цевки постојано им течеше вода во просториите и становите.
„Кога ќе ги менуваме фекалните цевки на домов ќе ги смениме и во становите, за што станарите немаат никаква обврска да платат за трошоците, бидејќи тоа спаѓа во основните трошоци на домот. Станарите повеќе ќе немаат таков проблем. Истовремено ќе направиле и хидроизолација на ѕидовите од северната страна на зградата, рече Алексовски.
Поради реновирањето на салата неколку дена домот ќе биде затворен за пензионерите, но надлежните велат дека за два месеца таа ќе добие сосема нов лик. Сите останати градежни активности на зградата би требало да завршат за една година, ветуваат од Здружението.
Инаку Здружението има ново раководство на чело со претседателот Веле Алексовски. Тоа беше избрано на 28 јануари годинава./Д.С
