Спасителот Попов: На маката се познаваат добронамерните луѓе

Објавено на 7 февруари, 2015 во 12:30

Дваесет дена неизвезност и битка со водената стихија, секојдневна блиска средба со најлошото при спасување на човечки животи. Вака накратко велешанецот Иле Попов го опишува своето патешествие во Босна лани, за време на поплавите, каде бил дел од тимот за спасување од вода. Заедно со уште тројца доброволци од Македонија го сочинувале тимот испратен од републичката Дирекција за заштита и спасување.

Договорот првично бил да останат седум дена и да учествуваат во акцијата за евакуација на жителите од местото Брчко Дистрикт и околните населени места, но тој се продолжил па таму останале дваесет дена. Иле раскажува како со чамци ги пренесувале жителите од нивните поплавени домови на сигурно место.

„ Водата беше разбесната и куќите беа поплавени до покрив а мостовите беа два метра под вода. Првите неколку дена моравме да ги евакуираме жителите од неколку села, кога се доведовме и во една опасна ситуација. Таму имаше експлозиви останати од војната , беше критично но и тоа го пребродивме. Дадовме максимум од нас иако на прво место беше нашиот живот, потоа животите на загрозените жители и на крај стоката и останатите материјални добра. И завршивме една успешна мисија на која јас сум многу горд. Работевме 24 часа, дежуравме и секое слободно време го користевме да одмориме и немавме време дури да направиме ниту една фотографија“, рече Иле.

Своите способности и вештини, научени и извежбани претходно, нашите спасувачи ги покажале на дело. По евакуацијата на жителите тие не се вратиле дома туку им помогнале да ја испумпаат водата од нивните домови и да ги расчистат. А тие се покажале како вистински домаќини. И покрај маката што ги снашла, срдечно и топло ги прифатиле спасувачите и не дозволиле ништо да им недостасува. Со некои од нив од нив и ден денес одржувам контакти, вели Иле.

„За тие дваесет дена доживеав неверојатно искуство, иако имаше многу неубави глетки и тешки животни приказни, сепак издржавме бидејќи жителите беа позитивни и таа позитивна енергија ја пренесоа и на нас. И сега кога нам ни се случува слична ситуација, многу поинаку ја доживувам“, рече Иле.

На маката се познаваат добрите и храбри луѓе. Таков е и Иле. Иако не посакува, тој вели дека ако неговата земја ја снајде такво нешто, нема да се двоуми, ќе даде се од себе да помогне таму каде што е потребно, бидејќи како што вели, човечкиот живот е бесценет и за него нема импровизации и компромиси. Д/С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.