Неверување и гнев кај велешани по смртта на малата Тамара
Црн понеделник за Велес. Згасна животот на деветгодишната Тамара Димовска, девојчето со болест и искривување на рбетот. Изгубениот детски живот ги потресе и предизвика гнев кај велешани. Нивните реакции ги преплавија социјалните мрежи каде барат утврдување на вина и одговорност за смртта на Тамара. Зошто не се организираше досега операцијата на детето, што чекаше Фондот за здравствено осигурување во изминатите два ипол месеци откако министерството прифати Тамара да се оперира на сметка на државата во Турција. Со прераната смрт на детето и изгубениот човечки живот не можат да се помират стотици граѓани па затоа својот коментар го напишаа на статуси на Фејсбук.
Лекарите денеска соопштија дека мртвото тело на своето дете во Брза помош на раце го донеле неговите родители. На Тамара не успеале да и помогнат ниту лекарите специјалисти во велешката болница. Никој не може да потврди кога точно и од што починало детето.
Од што боледуваше Тамара и каква дијагноза има во медицинското досие ја прашавме нејзината матична лекарка. Д-р Розета Босилкова не сакаше да даде официјална изјава. На телефон кратко рече дека Тамара кај неа подолг временски период не била донесена на преглед. Лекарката последен пат на нејзината мајка и дала упат за преглед на Ортопедија лани, во август.
Претседателката на Здружението на приватни лекари д-р Лили Чолакова Дервишова рече дека по информациите од колешката останала изненадена кога слушнала дека детето подолго време не било однесено кај матичен лекар. Таа советуваше родителите да не прават вакви пропусти туку напротив за секоја промена на здравствената состојба на децата прво да ги носат на матичен лекар.
Но ова сега нема ништо да помогне во случајот со смртта на малата Тамара. Нема официјални информации од што девојчето почина утрово. Тешко дека и ќе има бидејќи смртта ја затекна надвор од здравствените институции па затоа не е побарана обдукција. Неа единствено можат да ја побараат родителите./У.Ј
