„Помножени сте со нула“ им порачаа средношколците на тие што се обидоа да ги прикажат како поткупливи

Објавено на 14 март, 2015 во 14:21

„Јас сум Марија Баркова и не сум зела пари за да се појавам на денешниот средношколски марш. Моето име беше злоупотребено на плакати но тоа не ме спречи да го организирам маршот. Нема никогаш да земам од никого пари,“ рече денеска оваа средношколка која учи во трета година во Гимназијата. Баркова ги соопшти причините зошто го организирала и дошла на денешниот марш во Велес.

„ Овде сум за да кажа дека веќе е доста од лошите работи во образованието.Најмногу ни смета екстерното тестирање бидејќи од него немаме корист како и од задолжителното полагање на матурата. Сакам да кажам дека некои од средношколците учат две години математика и немаат намера да се запишат на факултет на кои ќе им треба овој предмет па заошто да го полагаат,“ рече Баркова.

На протестот беше и втората средношколка, Кристина Пеева, чие име беше напишано на плакатите со кои беше излепен Велес на ден пред најавениот протест против екстерното тестирање и полагањето државна матура.  Пеева смета дека била злоупотребена од оние кои сакале да ги спречат во намерата.

„Ова го правиме самоиницијативно, овде нема политика, затоа што сметаме дека нема потреба од такви реформи во образованието. Иако јас учам воматематичката насока во Гимназијата сепак мислам дека моите пријатели од општествени науки нема потреба да полагаат математика. Овој марш е мирен и единствено што сакаме е да упатиме порака до институциите дека средношколците постојат, активни се и подготвени да ги лоцираат и да учествуваат во решавањето на проблемите,“ рече Пеева.

Средношколците се собраа пред фонтаната кај Авона, формираа поворка и маршираа до Младински парк. Само во еден момент застанаа на улицата,под ѕидот пред последните кафетерии веднаш спроти Гимназијата „Кочо Рацин“ и им скандираа на присутните средношколци кои таму седеа. Тие извикуваа „Симнете се долу, симнете се долу.“

На маршот имаше родители кои ги поддржаа средношколците со тоа што се приклучија во последните редови на поворката. Поголем број на мајки, татковци, баби и дедовци од клупите на најдолгата градска улица им извикуваа: „Браво бе средношколци, напред со вас сме“.

Средношколскиот марш заврши во Младинскиот парк каде беа прочитани барањата за екстерното тестирање и државната матура.

Од таму до сите кои се обидоа да ги спречат во намерата средношколците им упатија порака: „Помножени сте со нула“. Потоа започна музичкиот настан или забавата на која главен збор имаа тројца ди џеи./У.Ј

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.