(Oбновено) Заврши полицискиот увид во Ореше, за подметнување на пожарот осомничен Ѓоре Петровски

Објавено на 17 март, 2015 во 09:39

15:05 – Полицијата го сомничи Ѓоре Петровски за предизвикување на пожарот, синоќа, во селската продавница и автомобилот марка мерцедес во селото Ореше. Тој сеуште е во полициската станица во Велес и се брани со молчење. Но, полицијата има сведочење на второ лице, пријателот на Петровски,лицето Н. Г од населбата Превалец кој дал исказ во кој тврди дека вчера вечер околу 22 и 30 часот бил повикан од Петровски со патнички автомобил да го однесе до село Ореше. Таму, пред селото стигнале еден час подоцна. Тогаш Петровски излегол сам од возилото и во рака носел кантичка во која имало лесно запалива материја. Се упатил во селото во кое се задржал петнаесет минути по што се вратил и заедно со пријателот и возилото се вратиле назад за Велес.

Инаку во запалената продавница во Ореше,сопственост на дедото на Златко Арсовски  или заштитениот сведок „Бреза“ во предметот за убиството на старецот во ова село, заврши увидот и полицијата подигнала предмети и траги за вештачење.

„ По целосно документирање ќе следи соодветен поднесок. Првичните податоци се дека со пожарот причинета е материјална штета од околу 10 000 евра,“ рече портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска.

Според полицијата Ѓоре Петровски и претходно е пријавуван за поттикнување на извршување кривично дело „предизвикување општа опасност“ , односно, за опожарување на продавница и амбуланта во село Ореше. Против него се водеше судски процес во кој Петровски со првостепена судска пресуда е осуден на затворска казна. То досега бил пријавуван и за поттикнување на извршување кривично дело „убиство“ за што со судска пресуда е осуден на тринаесетгодишна затворска казна /У.Ј

 

10: 39 – Запалена е селската продавница во село Ореше. Инцидентот се случил ноќеска околу полноќ. Опожарена е продавницата на педесет и едногодишниот Г.Г од Ореше, дедото на Златко Арсовски, екс заштитениот сведок во случајот платено убиство во Ореше.

Пожарот го зафатил и неговиот автомобил марка мерцедес кој се наоѓал во близина на продавницата. Сопственикот го пријавил случајот во полиција и веднаш интервенирала  на местото на инцидентот. Полицијата лишила од слобода двајца осомничени за подметнување на пожарот и тие се задржани во просториите на СВР Велес. Едниот од нив е Ѓоре Петровски, обвинет за нарачка на убиството на седумдесет и шест годишниот старец Лазо Милошоски од Ореше. Увидот на лице место се уште трае./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.