Преку ЛИДЕР или ЛЕАДЕР програмата можност за отворање на мали бизниси
Индивидуални земјоделци, фармери, стопанственици,, хотелиери, угостители дојдоа на денешната презентација на ЛИДЕР пристапот и неговата стратешка цел, развој на локалната економија, поддршка за мали бизниси и отворање на нови работни места. Проектот се реализира преку Вардарскиот плански регион и тој треба да ги решава проблемите на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во насока на локалниот односно руралниот економски развој. Овој проект треба да гарантира дека сите предложени идеи кои ќе бидат во корист на мнозинството граѓани во регионот , ќе бидат спроведени.
„Овој проект пробуди голем интерес кај граѓаните уште на првата негова презентација. Перспективата на микро план се токму малите бизниси кои ќе бидат составен дел од поголемите бизниси, значи еден ланец на поврзување и на работење, но и можност за самовработување,“ рече градоначалникот на Велес Славчо Чадиев.
„Од овој проект очекуваме охрабрување на жителите од нашата општина за отворање на сопствени мали бизниси што не само што ќе придонесе за обезбедување на индивидуална егзистенција туку ќе придонесе и за развој на секоја општина поединечно. Тоа е важно особено за малите рурални општини. Кај нас има отворање на мали бизниси од областа на земјоделието и раноградинарството. Но со овој проект очекувам барем јас во мојата општина да се отворат бизниси и во други сектори, а не само во земјоделието. Особено ми е драго што голем број жени од нашата општина пројавуваат интерес за отворање на мали сопствени бизниси,“ рече градоначалничката на општина Градско, Жанета Чаушевска.
Од лани ЛИДЕР проектот успешно се спроведува во Пелагонискиот регион, каде преку трите локални акциони групи во Битола, Прилеп и Ресен се отвориле неколку мали земјоделски бизниси. Годинава, освен во Вардарскиот почна да се спроведува и во полошкиот регион. Инаку проектот се реализира со поддршка од УСАИД и мисијата на Швајцарија во Македонија.
Она што ги збуни дел од присутните на презентацијата беше именувањето на самиот проект. Додека официјалните преставници го именуваа како ЛИДЕР програма, на видео бимот каде што течеше презентацијата како и на флаерите со програмата пишува ЛЕАДЕР. /Д.С
