СДСМ:Власта останува доследна на својот стил, да претпочита „шминкерски проекти“
Наместо капитални објекти со кои ќе го подобрат животот на граѓаните, градоначалникот Чадиев и мнозинството од Советот, предводен од ВМРО ДПМНЕ, продолжуваат во свој стил, да претпочитаат „шминкерски проекти“ како што се поплочување на улици и тротоари со бехатон плочки и реконструкција на парковски површини. Со ваква изјава денеска на прес конференција излезе Општинската организација на СДСМ во Велес. Опозицијата смета дека со такви проекти власта не може повеќе да го излаже народот кој станува посвесен и незадоволен и тоа јавно го изнесува.
„Граѓаните гледаат што се случува, свесни се за манипулациите и своето незадоволство се почесто јавно го изнесуваат. Заборавија на ветувањата за изградба на катна гаража ветена уште од 2012вгод., ништо не направија за подобрување на сообраќајот кој од ден на ден станува се похаотичен, не изградија ниту еден метар должен атмосферска канализација“, рече Весна Стојанова Богоевска.
Од СДСМ прашуваат каде завршија квалитетните плочки што се извадија од тротоарите кои се поплочија со неквалитетни бехатон плочки. На денешниот прес тие истакнаа дека најавено било и заменување на квалитетните и скапи плочки на тротоарот пред поранешната „Стоковна куќа“ и банките со популарните бехатон плочки. Опозицијата и порача на власта, наместо со стари да се пофали со нови проекти кои ќе го подобрат животот на велешани./Д.С
