Дератизација и од Караслари до Велес како превентива против туларемија
Ќе се врши дератизација на канализационите системи на потегот од Караслари преку Чалошево, Дорутовец, Мамутчево, Кумарино, Иванковци и Сујаклари. Со оваа превентивна мерка општина Велес ќе спречува да се прошири заразната болест туларемија, што ја пренесуваат заболените глувци. Вака беше одлучено на денешниот состанок на градоначалникот Чадиев, инспекторатот за животна средина и Центарот за јавно здравје откако вчера беше прогласена епидемија од туларемија во општина Лозово.
Освен дератизација, ќе се чисти и околината на сите извори на вода во овие населени места. Тие ќе бидат обележани и обезбедени за користење. Велес не е загрозен од оваа заразна болест но превентивно ќе се делува и во градот.
„Од понеделник почнуваме акција во која сите шахти ќе се дератизираат. Со дератизација ќе бидат опфатени и сите канализациони системи што се вливаат во Вардар. Ние ќе постапуваме согласно насоките и препораките на министерството за здравство и инспекторатот за животна средина, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Стручни лица од Центарот за јавно здравје денеска ги посетија семејствата на заразените жители од Каратманово. Уверуваат дека нема простор за паника бидејќи се преземени сите неопходни превентивни мерки за заштита и спречување на ширење на болеста.
„Ставени се 3до 4 илјади апчиња во водоводот и ова е превентивно затоа што изворот на заразната болест не е водата туку од контакт со измет на глувците. Водата се хлорира, а за жителите се носи вода со цистерни. Се вправи и дератизација на домовите на заразените и дезинфекција. Училиштата во Лозово и Каратманово се заштитени и дератизирани, рече директорката на Центарот за јавно здравје Флорентина Шурбевска Ристовска.
Инаку денеска се потвредни уште четири нови случаи со туларемија со што вкупната бројка се искачи на 23 заразени. Освен во Лозово, Каратманово, Коселери, Опае, Арачиново и Грушино болеста се појави и во Мојанци. Не се исклучува можноста епидемија да се прогласи и во Арачиново.
Но болеста предизвика револт кај жителите на селата во општина Лозово. Тие денеска не сакаа јавно да зборуваат за проблемот, само коментираа дека случајот се предимензионирал и дека тоа ќе предизвика да бидат запаметени во негативен контекст. Најголем дел од овие луѓе се занимаваат со земјоделство и со производство на раноградинарски производи, па оттука и стравот дека не ќе можат да ги пласираат на пазарите низ земјава./Д.С
