По четворица нови зависници од дрога се регистрираат на секои три месеци во Велес
Расте бројот на граѓани кои посегаат по дрога. На секои три месеци се евидентираат од три до четири нови зависници, велат од Црвениот крст во Велес. Особено се зголемува бројот на оние кои дрогата ја користат интравенски. Најмладиот зависник меѓу двестате регистрирани во моментов, има само 15 години. Токму овој податок ги алармираше надлежните институции да седнат на зедничка маса и да најдат конкретни решенија за делување и спречување на оваа девијантна појава меѓу најмладите.
„Претпоставуваме дека се зголемува бројот на почетниците кои се во допир со дрога и мислиме дека треба покоординирано и попрактично и поефикасно да делуваме. Досега имавме само едукативни презентации пред учениците во основните и средните училишта, но сега треба да преземеме нешто поконкретно, рече Миле Маџаров, секретар на О.О на Црвен крст.
Со зависниците од дрога во градов работат стручни лица кои преку проектот за намалување на штети од користење на дроги, добиваат секојдневна метадонска терапија но и делумна ресоцијализација. Се прифажаат, мотивираат и дел од нив се препраќаат на терапија во велешката болница. Таму моментално на метдонски третман се шеесетина зависници. Но надлежните сметаат дека овие третмани не го постигнуваат саканиот ефект, велат ресоцијализацијата е единствената алка која недостасува во синџирот на целосно излекување на овие лица.
„Во однос на ресоцијализацијата им организираме креативни работилници каде овие луѓе можат да изработуваат накит или други предмети. Но мислам дека тоа не е доволно. Ние имаме корисници кои секојдневно доаѓаат кај нас земаат метадонска терапија, ги мотивираме, но останува проблем понатаму како да ги вклопиме и реинтегрираме во самото општество. Имаме примери и на лица кои прекинале да земаат дрога, но во најголем дел од нив тоа го постигнале со лекување во странство, рече д-р Мартин Хаџи Наумов.
На денешната трибина во Црвен крст учествуваа и претставници од средните училита во градот, полицијата и координативното тело за превенција од дрога на општината./Д.С
