За изградбата на кружниот тек и потпорниот ѕид на Штипско џаде се спорат опозицијата и локалната власт во Велес
Агенцијата за државни патишта е надлежна за реконструкција на регионални патишта и таа требаше да го изгради кружниот тек на излезот на градот а не општината со пари од граѓаните. Општина Велес финансираше проект за кој не е надлежна и ненаменски потроши пари од буџетот. Со вакви реакции денеска излезе опозицијата предводена од СДСМ.
„ Со тие пари требаше да се изградат нови водоводни канализациони мрежи, улици, тротоари, а кружниот тек требаше да го изгради Агенцијата за државни патишта. За успешно спроведување на идејата требаше да се изработи детален изведен проект ревидиран од овластени ревиденти за да се најде најдобро сообраќајно решение . За жал кружниот тек е многу лошо изведен со спротивни наклони од потребните со што се загрозува безбедноста особено во зимски услови“, рече Александар Домазетов.
Според СДСМ состојбата е крајно сериозна и алармантна поради тоа што не е направен потпорен ѕид па емјиштето се лизга и го загрозува сообраќајот. Опозицијата предупреди и дека не е ставена заштитна ограда на улицата под Спомен костурницата од која неодамна излета автомобил директно на регионалниот пат. Таа со апел до градоначалникот и мнозинството во советот итно да се изгради потпорен ѕид, да се намести заштитна ограда на улицата и да се осветли местото. Во спротивно велат од СДСМ, власта ќе ја сноси одговорноста за човечките животи и материјалните штети што ќе се случуваат во иднина.
Локалната власт во писмено соопштение до медиумите ги демантира обвинувањата на опозицијата и смета дека успешно ја привршува реализацијата на проектот. Спорниот потпорен ѕид ќе го гради штом ќе ги заврши активностите со реновирањето на Градскиот стадион.
„По изработката на монтирањето на трибините и седиштата на Градскиот стадион, градежната фирма „Евро инженеринг“ ке започне со изработка на потпорнииот ѕид на кружниот тек чија целосна изградба ке биде во висина од три метра, а ке се простира во должина на целата обиколница. „Истовремено ќе побараме дозвола за објавување и тендер за осветлување на обиколката. Комплетноста на овој проект завршува со тротоар кон населбата Речани кој ќе го поврзува градот со оваа нова населба,” рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Според Чадиев плодната соработка со Агенцијата за државни патишта ќе продолжи и во иднина со нов проект во непосредна близина на градот кој ќе придонеес во локалниот економски развој./Д.С
