Без здравствени проблеми од прејадување велешани ги поминаа Велигденските празници

Објавено на 14 април, 2015 во 14:18

Без никакви проблеми од здравствена природа поминаа Велигденските празници во Велес. Од Итната медицинска служба и Центарот за јавно здравје велат дека годинава за време на празникот немало ниту еден регистриран односно пријавен граѓанин со здравствени проблеми од прејадување или прекумерно пиење. Велешани биле примерни и умерени во консумирањето мрсна храна за време на продолжениот празничен викенд како и во консумирањето алкохол.

Ваквите податоци се за поздравување, но се наметнува прашањето, дали граѓаните ја научија лекцијата или пак високите цени на производите ги спречија во намерата да претераат со јадење и пиење.

„Скромно си го одбележавме празникот, Со бабата си купивме пола кило јагнешко, алкохол не пиеме, така да нема од што да се пожалиме, здравјето ни е добро“.

„Со што да се прејадеме и препиеме кога се нема пари. Со една пензија што попрво дали сметки да платам дали за леб и лекови. За месо и да не зборуваме, ем многу скапо, ем немаме пари“.

„Од година во година купувам се помалку месо, еве сега и за Велигден, се нема пари, а скапо е. Купив колку за адет, да замириса куќата“.

Но не само за високите цени на место, анкетираните граѓани се пожалија и на скапиот зеленчук на пазарите. На пример парче зелка пред и за време на празникот се продаваше за 50 до 70 денари, цената на килограм крставици изнесуваше 100 денари. Денеска производите биле поефтини,цената на крставиците од 100 паднала на 50 денари. По иста цена останале само младиот кромид и лукот, од 15 до 20 денари за врзоп.

„Секоја година за Велигден цените се качуваат, наместо да се намалуваат. И не само за овој празник, така е за секој православен празник. А за празник секој сака да купи и земјоделците го користат тоа и ги дигаат цените. Тоа не е убаво“.

„Е како може денеска крставиците да бидат 50 денари, а во неделата пред само еден ден се продаваа за 100 денари за килограм. Ова никаде го нема, крставиците се исти, ама цената не е. Срамота“.

Велешани се жалат дека континуираното поскапување на земјоделските производи, како и на месото и останатите прехрамбени артикли во голема мера го осиромашуваат домашниот буџет. Се помалку пари има за прехрана велат тие, а камоли за нешто друго./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.