Александар Каников – Александро, Гемиџијата за кого малку се знае
Ова е една заборавена приказна за личност што оставила трага во велешката и мaкедонската историја , непосредно поврзувајќи ја со познатите Солунски атентати. Алаксандар Каников – Александро е велешанец за кого има оскудни информации но, според тоа што е раскажувано и запишано , тој бил безмалку еден од велешките Гемиџии.
Неговата родна куќа се наоѓала во центарот на Велес во уличката спроти куќата на Коробарови. Сега на тоа место се наоѓа поранешната стоковна куќа. Татко му на Александар бил трговец кој имал и ќерка Пандора. Александар бил со немирен дух и постојано влегувал во конфликти со неговите врсници Турци.
Татко му го испратил во Солун да учи воена гимназија и генерациски веројатно тоа се совпаѓа со времето кога и Гоце Делчев бил ученик во истото училиште. Не е познато дали тие се познавале и соработувале но и Александар бил исклучен од гимназијата поради револуционерно дејствување.
Тој за исклучувањето извесно време криел од татко му. Писмо и напишал само на сестра му Пандора во кое и ја открил вистината. Пандора велела дека таа и брат и Александар биле поврзани и се грижеле еден за друг.
Затворот Беас куле
Таа, исто така, прва дознала дека нејзиниот брат неколку месеци пред Солунските атентати бил во затворен во затворот Беас –куле поради тоа што нападнал некој турски ага во Солун кога со пиштол само го ранил. Александар бил ѕверски мачен и тепан.
На судењето присуствувале татко му и сестра му, а тој пробал да се самоубие скокајќи од третиот кат на затворот, за време на судењето . Но, поминал само со скршеници и гребнатини.
Сестра му Пандора побарала да го види брата си во затворот. Кога ја однеле да го види таа се згрозила, бидејќи брат и го чувале во карцер поточно фjока. Кога го отвориле карцерот , тој лежел згрчен на страна. Не можел да седи и лежи на грб поради повредите и раните од постојаното тепање.
Веднаш по средбата со брата си, Пандора отишла кај рускиот Конзул во Солун, кој заедно со англискиот Конзул и францускиот Конзул се завзеле за Александар и тој за две недели бил ослободен, но не се вратил веднаш дома.
Човекот кој и ја донел веста на Пандора дека бра е ослободен и рекол дека неговите другари веќе го отпишале и прежалиле бидејќи не верувале дека жив ќе излезе од затвор.
Александар се вратил во Велес непосредно пред Солунските атентати и на сестра си и оставил на чување плетено куферче во кое имало две бомби и два пиштола – „тулумбаши“. Таа го скрила куферчето на таван.
Потоа Александар заминал за Бугарија и од таму само еднаш се јавил за да соопшти дека пристигнал во Пловдив. Потоа му се губи трагата и повеќе никој не слушнал за него .
По Солунските атентати во Велес била изведена голема акција на апсење и малтретирање на симпатизерите и фамилиите на Гемиџиите. Прва на удар била и куќата на Каникови. Турците на таванот го пронашле куферчето со бомбите и пиштолите и го претепале татко му на Александро. За да го спасат, неговите блиски заклале теле и со кожата го завиткале, па така лежел на постела скоро два месеца.
Сестрата на Александро, Пандора го држи во раце внукот Благој
Пандора се омажила во фамилијата Анѓушеви и доживеала 105 годишна старост. Нејзиниот внук Благој Анѓушев, од чии сеќавања запишав како турската власт се одмаздила на неговиот дедо Александро, брат на баба му, исто така ми соопшти дека на баба му Пандора омилена песна и била една што се однесувала на маалото Којник, затоа што неа често ја пеел и брат и. Текстот отприлика гласи вака:
„Ој, Којник, ој, Којник, ти широко рамно поле, никаде на светот не ми е поарно.
На Којник, на Којник, сека вечер одам јас, кога вечерната ѕвезда на небото засја.
Таму има еден тунел краток,каде вечерните часови ми се толку слатки.“
Александар Каников е уште еден млад велешанец, кој се борел за своите идеали. Посветен на правдата и слободата на својата земја, не го штедел ниту својот живот. Дали и тој навистина и припаѓал на групата „Гемиџии“? Веројатно, да бидејќи нема детални списоци со нивните имиња но, според одредени сознанија се вели дека ќелијата во која дејствувале броела дури 12 членови. Тоа ми дава за право да го вбројам и Александро за кого, за жал нема никакви податоци. Фактот дека биле уништени сите слики и документи, списоци и фотографии на Гемиџиите, непосредно пред атентатите, ја отежнува и онака оскудната фактографија за настаните и личностите кои учествувале или биле поврзани со Солунските атентати.
Револуционерна активност и саможртвата на Александар Каников – Александро дава правото да се вброи во групата бестрашни и бесмрттни велешани – Гемиџии. Аманетот ни остана нам, да го проучиме, доистражоме и расветлиме неговото дело.
Љупчо Данов
