Со 10 возила располага велешката служба за Итна помош, најновите две, донација на Јапонска амбасада
Објавено: 3 септември, 2020, во 15:04 часот
3.09.2020
И токму последните две, што се обезбедени преку проект на ЈЗУ Здравен дом Велес се прилагодени на потребите од искачување по стрмните делови до највисоките улици во деловите на Велес како Вршник, Рамина и Јурија. Тие се од марката „Дачија“ и чинат 37.175 евра.


Со нив како и со третото возило што досега го имаше оваа јавна здравствена установа ќе се подигне квалитетот на здравствените услуги не само на граѓаните кои живеат во градот туку и во населените места на велешката,како и општините Градско и Чашка.

-Ми претставува особена чест што сум поканета на свечена церемонија за предавање на двете возила кои се дел од програма на мали грантови на Владата на Јапонија. Во овие времиња чувствувам дека секоја помош во здравствениот сектор е добредојдена. Се радувам што овие две возила си го најдоа патот до тука како и дека нашата соработка ќе биде зацврстена и продолжена. Помошта е од граѓаните на Јапонија и е симбол на пријателството што Јапонија го нуди за Република Северна Македонија. Се надевам дека ова пријателство и оваа соработка ќе продолжат, рече амбасадорката на царството Јапонија, Кеико Ханеда.
Директорот на Здравен дом Велес, Никола Димовски помошта ја смета за особено значајна за граѓаните на Велес и што Кралството Јапонија ја разбра потребата и ја оцени нивната проектна апликација со врвен приоритет со што помогна во осовременувањето на возниот парк на кои му се неопходни освен 10 постоечки уште едно до две возила.

-Тоа е од особено значење затоа што понекогаш секундите спасуваат човечки животи. Драго ми е што јапонската Агенција за меѓународна соработка, наш традиционален партнер препозна дека нема по приоритетна работа од здравјето на граѓаните особено кога се соочуваме со ситуација како сега со невидлив непријател или коронавирусот. Упатувам јавна благодарност до Амбасадата на Кралство Јапонија, јапонската Агенција за меѓународна соработка, за укажаната помош и доверба. Исто така упатувам благодарност и до Центарот за развој на Вардарски плански регион за помошта во средувањето на документите. Очекувам соработката да продолжи, додаде Димовски.
Амбасадорката Кеико Ханеда денеска оствари средба и со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

-Се отворија многу интересни прашања за нашата идна соработка со Амбасадата на Царството Јапонија особено во културата, во развојот на Велес како „Паметен град“ и во други области. Се заблагодарив од име на граѓаните, Советот на општината, од Општина Велес и од лично име за континуираната помош што ја добиваме од Владата на Царството Јапонија за нашите училишта, за Територијалната противпожарна единица и за Здравствен дом. Посакувам и во иднина да имаме квалитетни проекти кои ќе ги препознае јапонската Амбасада за да можеме да сметаме на нивната поддршка и во наредниот период, рече Коцевски.
Амбасадорката Ханеда одговори и на новинарски прашања поврзани со поддршка за доопремување со опрема и возила и на Општа болница Велес како и на Здравствениот дом Велес велејќи дека квалитетните проекти се нивен приоритет./У.Ј


