Жена и маж, нови жртви на коронавирусот, во изминатите 24 часа во велешка болница
8.12.2020
Двајцата пациенти од Велес починаа во изминатото деноноќие, поточно, во текот на вчерашниот ден. Жената на 72 години била примена на лекување на Интерно одделение во петокот на 4 декември, од каде по добиен позитивен резултат на ковид-19, истиот ден, била префрлена на Инфективно поради ниска сатурација на кислород и пневмонија. Мажот на 75 години од Велес бил примен на Инфективно одделение во неделата, на 6 декември, во тешка состојба и бил позитивен на ковид-19.
Денеска во велешка болница се лекуваат вкупно 75 пациенти од кои 65 потврдено позитивни, 7 сомнителни и тројца пациенти со негативни тестови. Од нив 32 пациенти се на кислородна поддршка.
Ова досега, во првиот и во вториот бран на епидемијата, е највисока бројка на пациенти што во болницата добива кислородна поддршка.
Со ковид пациенти е целосно исполнет капациетот на Инфективно одделение каде се лекуваат 54 пациенти. На Одделението за физикална медицина и рехабилитација се лекуваат 15 ковид пациенти со полесни форми на болеста и таму има слободни 9 легла. На Интерно одделение има 6 оздравени пациенти на кои сеуште им е потребна здравствена нега и помош.
Убавка Јаневска