Градоначалникот Коцевски не претендира за четврт мандат, во Велес веќе се слушаат имиња за можни кандидати за негов наследник
29.01.2021
„Категорично велам не“, е одговорот на актуелниот Градоначалник на Велес,Аце Коцевски на новинарското прашање дали ќе се кандидира за нов мандат за градоначалник на Велес на локалните избори кои ќе се одржат наесен. Тој ова го соопшти на денешната прес конференција.
-Јас и за овој мандат не бев заинтересиран и не бев кандидат, од здравствени причини, но анкетите покажаа дека уживав голема поддршка кај граѓаните на Велес, значи бев добитна комбинација и прифатив да бидам кандидат. Сега воопшто не размислувам и за таа тема. Сакам чесно и одговорно да си го изработам мандатот и препуштам можност на други да се подготвуваат за кандидати и да бидат добри градоначалници, додаде Коцевски.
Актуелниот Градоначалник на Велес претходно во два мандати беше „татко“ на Велес. Тој победи на локалните избори во 2000 и во 2005 година. Градоначалникот Коцевски по вкупно 13 години поминати на оваа функција сега очекува помлади и во исто време одговорни претенденти.
Девет месеци пред одржување на годинешните локални избори во Велес се вртат имиња на можни кандидати за новиот градоначалник. И тоа од коалицијата предводена од СДСМ, која е власт, се споменуваат имињата на Марјан Николовски и на Игор Андреев од СДСМ, на Кире Гајдов од НСДП, актуелен Претседател на Советот на Општина Велес, додека Марко Колев е најчесто спомнуваното име од опозициската коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Убавка Јаневска
