(ВИДЕО) Во поранешната Варница во Превалец сопственикот планира да отвори цементарница, Градоначалникот Коцевски ќе бара мислење на експерти додека од ДОМ реагираат со категорично „Не“

Објавено на 10 март, 2021 во 09:45

Varnica fin

10.03.2021

Oд Управата за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Велес било доставено Барање на мислење за „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот „Техно Павер“ во кругот на поранешната Варница сега Каменолом во населба Превалец. Барањето го доставил сопственикот „Техно Павер“ ДООЕЛ Скопје. До општината, согласно Законот за животна средина, Управата за животна средина се обраќа за консултации, информации и мислење, рече на вчерашната прес конференција Градоначалникот Аце Коцевски.

Kocevski fin

-Следните неколку денови ќе ги искористиме за утврдување на нашата позиција, на нашиот став во врска со ова многу чувствително прашање за жителите на Превалец и населбата Тунел. Ќе консултираме и експерти а веќе закажавме и средба со претставник на инвеститорот во текот на утрешниот ден, на која би сакале, од прва рака, да ги добиеме информациите за технологијата и воопшто за нивните намери што планираат да прават , со колкав капацитет, со каква технологија и какво ќе биде влијанието врз животната средина“, рече вчера Коцевски.

На доставеното барање од страна на „Техно Павер“ веќе реагира Општинска Организација на Зелената Партија ДОМ Велес. Претседателот Стевче Дечев смета дека во Превалец сакаат да градат цементарница, не цвеќарница и во исто време повикува на покажување на граѓанска свест преку ставот дека е подобро да се спречи отколку да се лечи па затоа треба да се каже НЕ!

-Со Уставот на државата се штити нашето право на здрава животна средина. Како Општинска Организација на Зелената Партија ДОМ, почуствуваме потреба за итно обраќање до пошироката јавност согласно прес конференција на Градоначалникот на Велес, господинот Аце Коцевски на која беше споделена информација дека од Управата за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Велес е доставено Барање на мислење за изведување на проект – „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот Техно Павер“ во Населбата Превалец во Велес. Приоритетно, во контекст на ова првенствено би споменал дека: Европската Унија неодамна го усвои Европскиот Зелен Договор, каде главна цел е намалување на емисиите на стакленички гасови до 50% до 2030 година и до 2050 година е предвидено да нема емисии на стакленички гасови и економскиот раст да биде независен од употребата на ресурси. Нашата држава како претендент за членство со тоа е обврзана за исполнување на овој високо приоритетен Европски Зелен Договор за трансформација на нашето општество кон еколошко, рече Дечев.

StevceDecev DOMfin

Тој појаснува дека Европскиот Зелен Договор има за цел да го заштити здравјето и благосостојбата на граѓаните од ризици и влијанија поврзани со животната средина и ги става луѓето на прво место. За да се испорача Европскиот Зелен Договор, треба да се преиспитаат политиките за снабдување со чиста енергија низ економијата, индустријата, производството и потрошувачката, инфраструктурата, транспортот, храната и земјоделството, градежништвото, оданочувањето и социјалните придобивки. За да се постигнат овие цели, неопходно е да се зголеми вниманието дадено за заштита и обновување на природните екосистеми, за одржливо користење на ресурсите и за подобрување на здравјето на луѓето.

-Согласно тоа неприфатливо е да се размислува за позитивно мислење од страна на локалните и националните институции за изградба и ставање во функција на цементарница среде населено место. Станува збор за цементарница, не за цвеќарница, или фарма за органска храна, или парк на ветерници или фотоволтаици. Станува збор за цементарница во круг на индустриски капацитет кој на многупати беше посочен како загадувач на воздухот посебно со облаци од прашина од вар на целата населба Превалец и високиот дел од Велес во Урбаната Заедница Тунел и Урбаната Заедница Мирка Гинева – Превалец. Сеуште на интернет постојат видеа од облаците прашина предизвикани од оваа инсталација, додава Дечев.

Реакцијата на Претседателот на Општинска Организација на Зелената Партија ДОМ Велес ја пренесуваме во целост:

                     

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.