Тешко повредени тракторист и мигрант во незгоди што се случиле крај Чашка и Неготино
14.04.2021
На место викано „Крштевица“ во близина на Чашка, вчера утро, околу 07:45 часот, седумдесет годишниот М.О. од Велес, се здобил со тешки телесни повреди кога се превртел тракторот што тој го управувал. Велешанецот извршувал земјоделски работи во нива.
По укажана лекарска помош од страна на Итна медицинска помош во Велес, повредениот седумдесет годишник е транспортиран во Општа болница Велес. Поради сериозните повреди што трактористот ги здобил и извршените прегледи веднаш бил префрлен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Велес.
Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, се случила несреќа и на железничкото стојалиште „Црвени Брегови“, во близина на Неготино. Таму при обид на три лица-мигранти да се качат во товарен воз кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје, едно од нив паднало и се здобило со повреда. Станува збор за лице од Индија кое нелегално се обидувало да мине транзит низ Македонија.
Итна медицинска помош од Неготино го транспортирала повредениот мигрант во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на потребна лекарска помош поради сериозноста на добиените повреди од падот.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на ОВР Неготино.
Во билтенот на СВР Велес, се објавени информации за 14 лица кои во изминатите 24 часа не носеле заштитна маска. Станува збор за десет во Велес, еден во Кавадарци и три во Неготино.
Сите граѓани го почитувале полицискиот час и забраната за движење од 20:00 до 05:00 часот.
Стефани Манева