Трајковски: Ново законско решение, со олеснителни околности, за откуп или продолжување на користење на државни социјални станови
16.04.2021
Корисниците на станови што припаѓаат на социјално ранливата категоријата како што се станарите во трите згради од комплекс во населба Тунел што не ги потпишале решенијата со кои е потребно да го продолжат рокот на користење можат да почекаат. Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор и Министерството за транспорт и врски работат на законско решение кое содржи измени.
Измените се во делот на олеснителните околности. Семејствата што припаѓаат на категоријата социјално ранливи ќе треба да добијат поволности што се состојат во олеснување на начинот на доделување, на продолжување на рокот на доделените станови и особено во делот на откупување на становите.
Според директорот на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски, претходните услови според кои што се откупуваа становите беа високи, со краток временски период и со висока стапка.
-Заедно со министерот Бочварски предложивме по поволни услови, во смисла на намалување на кампатната стапка и зголемување на ратите на отплата. Очекуваме дека ќе се зголеми бројот на корисници кои ќе бидат заинтересирани затоа што ратата на месечно ниво ќе биде пониска од износот што сега го плаќаат. Очекуваме под овие услови да мотивираме поголем број на лица од сегашните поточно не само лицата за кои вие прашувате туку и од останати категории, додаде Трајковски.
Одговарајќи на прашање на Дума.мк, Трајковски, исто така соопшти дека во постапките за продолжување на договорите за закуп како и при откуп на становите правото на избор на нотар што ги заверува документите е личен избор на подстанарот поточно на корисникот.
-Сите лица кои имаат потреба од нотар како при купување така и во постапката на продолжување на договорите за користење имаат право на личен избор на нотар, рече Трајковски.
Тој беше категоричен дека нема да дозволи да се прекрши ова право на корисниците на становите независно дали се од социјално ранлива категорија, млади брачни парови или семејства со ниски лични примања, наспроти тврдењата на дел од нив дека за потребите од нотарски заверки биле упатувани кај одредени нотари.
Убавка Јаневска