Коцевски и Коциќ добиле ветување од Филипче дека и во Велес ќе има масовна имунизација
23.04.2021
Министерството за здравство не одговори на прашањата на Дума.мк според кои критериуми ги избра шесте градови во државата, покрај Скопје, во кои ќе реализира масовна имунизација на граѓаните и зошто меѓу нив го нема Велес. Но, два дена по испратениот емаил, пратеникот д-р Ненад Коциќ, денеска, на личниот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека и Велес ќе има вакцинални пунктови за масовна имунизација на граѓаните од Ковид-19.
Пратеникот Коциќ ја потврди оваа вест за Дума.мк и во телефонска комуникација.
-Изминатава среда, на 21 април, имав разговор со Министерот за здравство Венко Филипче во кој добив потврда дека во Велес ќе се реализира масовна имунизација на граѓаните. Министерот оствари комуникација и со Градоначалникот Аце Коцевски. Дополнително ќе се одреди локацијата всушност објектот што ќе биде ставен на располагање за масовна имунизација во Велес. Тоа ќе го сторат во договор министерството и Општина Велес која е надлежна за објектите во градот, рече д-р Коциќ.
И Градоначалникот Коцевски ја потврди информацијата.
–
-Станува збор за координирана акција од моја и од страна на пратеникот Коциќ со цел да им се овозможи на граѓаните на Велес и на соседните општини како што се Чашка, Градско и Лозово, да не се изложуваат на дополнителни трошоци и времепа наместо да одат во Кавадарци, Штип или Скопје да примат вакцина во Велес. Засега можам да соопштам дека Општина Велес ќе го обезбеди објектот што стручната комисија на министерството за здравство ќе процени дека ги исполнува сите потребни услови за безбедна имунизација на граѓаните, додаде Градоначалникот Аце Коцевски.
Исто така , денеска, продолжи имунизацијата на велешани, овој пат со кинеската вакцина „Синофарм“ на вакциналните пунктови во јавната здравствена установа „Здравен Дом“. Вкупно 250 граѓани ќе ја примат првата доза од вакцината заклучно до вторник, бидејќи сите термини се веќе потполнети.
–
Во текот на вчерашниот ден, добивме вкупно 250 дози од кинеската вакцина „Синофарм“. Граѓаните ги закажуваат своите термини преку „Мој Термин“ и денеска официјално започнавме со вакцинацијата. Сите пациенти се појавија на закажаниот термин и се без компликации по примањето на првата доза од вакцината. За разлика од вакцинирањето со претходната вакцина, на „АстраЗенека“, каде ревакцинацијата се закажуваше по 80 дена од примената прва доза на вакцина сега со „Синофарм“ ревакцинацијата се закажува по 21 ден, рече д-р Пандели Божиков од Службата за имунизација на Здравствен дом Велес.
Според д-р Божиков заинтересираноста за вакцинација кај велешани секојдневно расте па затоа се надева дека во следниот период ќе добијат и нова количина на вакцини.
Убавка Јаневска
