Честит празник граду на мостовите!

Објавено на 9 ноември, 2013 во 11:20

69 години во слобода Велес ги дочекува мугрите со надеж распослана во 55 илјади животи, исто толку судбини и приказни.

Ритамот на секојдневието во 21 век, не остава многу простор за размислување на сите оние денови кога храброста на Велес растеше низ непокорот на револуционерите, на оние што не го штедеа животот за нашите слободни утра.

Но, врежани се во секоја насмевка, во трепетот на лисјата на столетните јавори, во крвотокот на генерациите наследници. Вечно бдеат над нас под белината на костурница и само еден поглед е доволен во срцето да почувствуваме дека некој со саможртва ја крепи насмевката на Велес.

Помеѓу улиците и тесните сокаци, помеѓу асфалтот и кладрмата, Велес дише слободен и од поробувачи и од тешки метали, конечно.

И нема човек што се кукнал овде во Таорската клисура што не ја чувствува песната на Вардар и одекот на древните карпи под небото како единствен глас на домот.

69 години Велес е чудесна мешавина на минатото и иднината место каде околу чешмите и во сокаците одекнува приказната на денот, каде мирисот на леб од фурна е допир со вековите, а преполните кафулиња израз на новиот живот.

И не можеш да не го сакаш овој град  што се излева себе си во единствена музика на два брега. Не можеш да не го почувствуваш спокојот на овој простор преполн со македонски вредности.

Честит празник граду на мостовите!

Дума.мк

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.