Општината има изборен буџет и наменет за интересите на ВМРО ДПМНЕ, обвини опозицијата
Буџетот е изборен и креиран да ги задоволи партиските интереси на ВМРО ДПМНЕ, констатираше советничката група на СДСМ со коалиционите партнери притоа изјаснувајки се дека нема да го прифатат. Локалната опозиција смета дека и годинава голем дел од проектите ќе се избришат со ребаланси и тоа на штета на граѓаните во Велес.
– Ова според нас не представува ништо друго, туку креирање буџет за избори во 2014 година. ВМРО ДПМНЕ си скрои буџет – шминка за пред граѓаните. Затоа, ние, како одговорни советници кои се водат од интересот на граѓаните нема да дадеме поддршка овој буџет, рече советникот на СДСМ Панче Иванов.
Општинскиот буџет тежи околу 738 милиони денари или 12 милиони денари помалку од лани. Според пресметката на СДСМ безмалку 5 милиони евра помалку пари општината предвидела за финансирање на сопствени активности.
Споредувајќи го со ланскиот кој изнесуваше 314 милиони денари, кој преживеа два ребаланси и беше намален за 60 милиони денари или еден милион евра за годинешниот од опозицијата рекоа дека бил уште по нереален затоа што не ќе може да се наполни.
Нивниот став го темелат на ланските искуства со пресек на истекот на деветиот месец кога според кварталниот извештај, реализација на приходи изнесуваше 44% или околу 100 милиони денари наместо предвидените 314 милиони денари.
– Ако се претпостави дека до крај на 2013 година само за последниот квартал ќе се зголемат приходите и за повеќе од 30% на основниот буџет, би можело да се очекува реализација од 75% на приходите или во пари околу 3 милиони евра, рече Иванов.
