Велешките екологисти ќе испратaт протест до европската Патент организација за патентирањето на пиперката од страна на компанијата „Сингента“

Објавено на 8 февруари, 2014 во 10:04

Неодамнешното патентирање на резистентна пиперка од страна на компанијата „Сингента“ ја отвори можноста било која богата со пари технолошка компанија во Европа да ги откупи правата на тиквешкото грозје, на пиперката „куртова капија“ или било кој друг производ, да ги лиценцира како свои и да ги продава. Така македонските земјоделци или  компании ќе мораат да им платат лиценца за да ги произведуваат.

Тогаш ако не се плати лиценца ќе се плаќаат високи казни. Тоа право ќе им го овозможи патентираниот производ без разлика што биотехнолошката компанија а ниту ги измислила, ниту ги создала производите туку само затоа што ги купила правата над овие производи.

За да не ни се случи ова велешките екологисти од „Вила Зора“ се вклучија во кампањата што ја започна Европа против патентирањето на живите организми .

– Европската патент организација и додели патент на компанијата „Сингента“ за инсект резистентна пиперка што значи се случи преседан да се додели право на поседување на  живо суштество добиено по природен пат односно со конвенционално вкрстување на два типа на пиперки кое според нас преставува голема опасност бидејки истото може да се случи со било кое природно растение или животно доколку продолжи таа традиција.  Така можат да се издадат патенти и за македонски брендови по што нашите земјоделци ќе мораат да плакаат лиценци за да ги произведуваат и да ги продаваат, рече првиот велешки екологист д-р Ненад Коциќ.

ЕД „Вила Зора“ како преставник од Македонија се вклучи во кампањата против кампањата за патентирање на живите суштества добиени по  природен пат или со конвенционално  одгледување и ќе испрати протест до европските институции.

– Македонија е нова членка во европската Патент организација па затоа ќе испратиме  апел и барање до државната Агенцијата за индустриска сопственост од која ќе бараме да не го поддржи понатамошното давање на патенти за живи суштества и да побара укинување на патентот кој „Сингента“ веќе го издаде за првата патентирана пиперка во Европа. Не смееме да дозволиме природните богаства да станат ничија сопственост затоа што со тоа ќе го изгубиме биодиверзитетот и квалитетот на храната. Во многу блиска иднина ќе добиеме многу скапа а не квалитетна храна, рече д-р Коциќ.

Тој смета дека земјоделците незнаат за состојбата во која лесно можат да се најдат. Екологистите апелираат државата веднаш да реагира со што во исто време ќе им обезбеди заштита на своите граѓани.  Тоа го можат македонските преставници  во европската Патент организација со тоа што ќе го поддржат барањето на ЕД „Вила Зора“ да се одземе лиценцата на „Сингента“. / Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.