Заврши првиот уписен рок во велешките средни училишта – еве колку ученици се запишани досега

За новите средношколци заврши првиот уписен рок во средните училишта за учебната 2025/2026 година. Колку ученици се примени во прва година и колку места остануваат слободни за вториот уписен рок, на овие прашања Дума.мк побара одговори од четирите средни велешки училишта.
Во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во првиот уписен рок примени се 103 ученици. Слободни остануваат 24 места во македонската паралелка и 13 во албанската паралелка.
Во средното општинско училиште „Јовче Тесличков“ примени се 57 ученици, од вкупно предвидени 127, распоредени во четири паралелки. Тоа значи дека во ова училиште остануваат слободни уште 70 места за вториот уписен рок.
Во СОУ „Димитрија Чуповски“ примени се 90 ученици. За ова училиште беа предвидени вкупно 177 слободни места, па по првиот уписен рок остануваат уште 87 слободни места.
Во Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Коле Неделковски“ вкупно 234 ученици се примени во сите струки во првиот уписен рок, остануваат 61 слободно место за втор уписен рок.
Вкупно на првиот уписен рок во сите четири средни училишта во градот запишани се 484 ученици.
Вториот уписен рок е закажан за 30 јуни 2025 година, кога ќе се спроведе електронското пријавување, додека на 1 јули ќе се доставува потребната документација.
Стефани Манева
