За 40 сантиметри се зголеми денеска водостојот на Вардар
Утрово околу 6 часот почна и во наредните седум часа водостојот на реката во центарот на Велес се покачи за четириесеттина сантиметри. Повеќе не може да се прегази речното корито. Водата ги покри островчињата од чакал и неколку колтуци кои рибарите ги имаа изградено.
– Јас бев тука, на кејот, утрово околу 6 часот кога почна да дотекува поголема количина на вода. Веднаш забележав дека новото количество е заматено. Тоа денеска ми го намали уловот на риба, рече еден од рибарите.
Тие ловат риба на леб. И не се откажуваат бидејќи мислат дека до попладне ќе уловат барем за лична потреба. Покрај нив се пријателите со кои се водат популарно наречените „рибарски муабети“.
– Така ни мине денот. Вчера беше слаб денот а еве и денеска,штом во речното корито има поголема количина на вода ни се намалува уловот, додаде друг рибар.
И додека тие се жалат на зголемениот водостој се израдуваа кајакарите. Тие веќе ги подготвија чамците и започнаа да тренираат.
Инаку во изминатиот месец, водостојот на реката во Велес, беше многу низок. На повеќе места рибарите демонстрираа преминување од едната на другата страна на брегот. Внатре во речното корито, помеѓу мостот Гемиџии и Мало Мовче, се формираа неколку островчиња од чакал. За поголем број велешани причината за малата количина на вода во реката е сушата.
– Освен што зимава не падна снег и не заврна дожд а тоа се одрази на водостојот на реката, велеа граѓаните. Во нивните коментари ваквата состојба беше окарактеризирана како неповолна./Б.Н
