„Велес Бајкинг“ ќе ги обучува Велешани за поправки и ќе отвори сервиси за самопоправка на велосипеди
Велешани ќе се обучуваат како да си ги сервисираат сопствените велосипеди и градот ќе добие поголем број на самостални сервиси за одржување и сервисирање на велосипеди. Овие и уште неколку новитети во Велес кога е во прашање велосипедизмот и граѓаните коишто се љубители на велосипеди ќе ги започне Здружението на граѓани „Велес Бајкинг“. Нивната цел е да се зголеми бројот на употребливи велосипеди во Велес и Вардарски плански регион преку континуирана обука и кампања за сервисирање на велосипеди.
За да добие јасна слика за состојбата со корисниците на велосипеди во градот и околните места, граѓанското здружение подготви анкета.
-Анкетата што здружението на љубители на рекреативниот велосипедизам и спортови ја спроведува, посебно се однесува за град Велес и околината но ќе биде проширена и во цела Македонија со цел да се види состојбата и во другите градови и населени места, а добиените податоци ќе бидат искористени за анализа и компарација на Велес со другите градови. Анкетниот прашалник е јавен и резултатите од оваа анкета ќе бидат јавно објавени на официјалната страна на Велес Бајкинг на Facebook, на социјалните мрежи или во некој од електронските медиуми, рече Зоран Јаневски претседател на ЗГ „Велес Бајкинг“.
Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да дадат придонес за оваа иницијатива на велосипедското здружение можат да одговорат на анкетата којашто се наоѓа на овој линк.
Исто така, од први март, годинава, здружението ќе отвари и велосипедска работилница „BikeGarage“ којашто ќе работи секој работен ден по четири часа. Ќе спроведат и акција „Подари велосипед“.
-Ќе собираме стари велосипеди, ќе ги сервисираме и ќе ги подаруваме на дечиња кои немаат можност да си купат велсипед. Исто така,ќе имаме и 14 отворени работилници во делови од Велес каде бесплатно ќе се сервисираме велосипеди, додаде Јаневски.
Исто така, во Велес ќе биде поставена и приколка за резервни делови на мобилниот сервис за велосипеди, четири „корпки приколки“ каде ќе може да се врши мобилна едукација за сервисирање на велосипедите, обука за самосервисирање на лице место и организирање на завршна манифестација.
Се ова е дел од проектот „Намалување на СО2 со зголемување на користење на велосипеди со воведување мобилни сервис услуги во Велес“. Проектот ќе биде реализиран од страна на Здружението „Велес Бајкинг“, во соработка со Општина Велес, СОУ „Коле Неделковски“ и СОУ „Гимназија – Кочо Рацин“. Финансиран од ГЕФ и со учество на Здружението „Велес Бајкинг“ од Велес.
Стефани Манева