Велес новогодишно треба да „светне“ за четири дена, општината за набавка на нови украси платила скоро 3,5 милиони денари
Проектот што годинава го изготвила Општина Велес за новогодишно украсување на градот предвидува нов коцепт којшто е сосема различен од досегашните, одговорија од локалната самоуправа на новинарските прашања на Дума.мк .
Оттаму додаваат дека за постигнување на празничната амтосфера од фондот за новогодишно украсување се потрошени околу 3,5 милиони денари, преку спроведена јавна набавка со техничка спецификација. Набавката ја добила фирмата ДТУ „Димензија 360“ ДОО Скопје, којашто дала најповолна понуда и освен што ги испорачала обврзана е за испорака на попратни услуги како што се осигурување, инсталација, почетно одржување и сервисирање.
Со овие финансиски средства набавени се украси кои во моментов се поставуваат и во соработка со ЈКП „Дервен“ дополнително ќе бидат употребени дел од украсите со кои општината веќе располага. Во тек е реализацијата на украсување на градот и работници можат да се забележат на главните улици „Благој Ѓорев“ и „8-ми Септември“ коишто ги поставуваат светлечките елементи.
Според одговорот на новинарското прашањето каков ќе биде празничниот излег, од општината најавија дека сите украси ќе се вклучат на 15 декември и ќе светат се до 31 јануари, в година. Новиот концепт, годинава за почетна точка го има кружниот тек кај „Авона“, кадешто украсувањето е со поставување на светлечки мрежи на ниското зеленило.
„Долж улица „Благој Ѓорев“ предвидено е новогодишно украсување со светлечки мрежи кои, дел ќе бидат поставени на крошните на дрворедите на самата улица, дел ќе бидат поставени околу самите стебла на дрвјата. На неколку точки предвидено е да се постават светлечки мрежи кои ќе одат преку самата улица и на тој начин ќе се добие еден вид на тунел, поточно ѕвездено небо, под кое ќе се движи сообраќајот. Овој концепт, преку „Благој Ѓорев“, се поврзува со улица „8ми Септември“ и продолжува се до паркинг простор пред Саат Кулата“, одговорија од општината.
Младински парк и понатаму останува место на коешто ќе бидат поставени најголем број од новогодишните украси.
„Во овој дел ќе се предвиди осветување на ѕидот кај влезните скали. Се предвидува нова новогодишна елка со висина од 10м и два големи новогодишни елементи во форма на новогодишен подарок. Од веќе постоечките елементи кои што Општина Велес ги поседува и ги користела во изминатите неколку години, ќе се искористат светлечките мрежи за да се осветлат крошните на дрвата во Младински парк. Старата новогодишна елка ќе ја употребиме и оваа година, но, ќе и дадеме нова локација и ќе ја збогатиме со дополнителни елементи се со цел да и се даде по впечатлив изглед. Предвидено е да ја поставиме во зеленилото кое што се наоѓа на самиот агол од дворот на гимназијата Кочо Рацин, во близина на раскрсницата кај Панини“, додадоа од општината.
За најавениот неколку дневен новогодишен хепенинг од општината одговорија дека подготовките се се уште во тек, поточно по завршувањето на пријавувањето на заинтересираните учесници, оваа недела ќе се утврди празничката програма.
Стефани Манева