Велес, по четврти пат, ќе биде домаќин на „Christmas dance competition“
Танцовиот натпревар ќе се одржи во сабота, на 16 декември, во организација на балетското студио „Анабела“. Љубителите на танцот, на сцената на велешки Театар, ќе имаат можност да уживаат во повеќе од 12 часови исполнети со танц.
Околу 1300 учесници од цела Македонија ќе се борат да остават најдобар впечаток пред судиите и да заминат со што подобар пласман од овогодишниот Christmas dance competition.
На точно една недела пред почетокот на натпреварот, организаторот , Цеца Пајдакова информира дека речиси половина од македонските танцови студија и клубови имаат пријавено учество. На сцената ќе настапат танчери од Охрид, Гевгелија, Прилеп, Штип, Скопје, Пробиштип, Кочани, Куманово, Неготино, Струмица, Кавадарци и се разбира Велес.
Распоредот е направен според возраста , категоријата и танцовата дисциплина во која се пријавени учесниците.
Од Балетско студио „Анабела“ изразија благодарност за соработката со велешки Театар, со оглед на убавината и ефектот што може да се постигне , кореографиите да се изведуваат токму на сцената. Исто така, очекуваат дека велешани ќе се покажат како добри домаќини и ќе покажат трпение во однос на сообраќајот со оглед на големиот број на учесници кои во текот на целиот ден ќе пристигнуваат.
Велес и велешани , како и гостите од сите македонски градови, кои се љубители на танцовата уметност ќе уживаат во кореографиите на натпреварот, а градот ќе биде горд на уште еден настан што ги спојува младоста, музиката и танцот.
Дума.мк