Велес повторно ќе трча за Рацин, годинава трката станува дел од Македонската тркачка лига

Велес и годинава ќе биде домаќин на атлетската трка „Трчаме за Рацин“, спортски настан што прераснува во традиција посветена на бесмртниот поет и револуционер Кочо Рацин. Трката ќе се одржи на 8 јуни, а подготовките се во полн ек, под организација на Здружението АК „Борец“.
Трката вклучува две главни категории – на 5 и на 10 километри – на кои ќе можат да учествуваат и професионални и рекреативни атлетичари. Освен натпреварите за возрасни, ќе се одржи и детска трка, во која ќе можат да се вклучат и најмладите љубители на спортот од Велес и околината.
Новина годинава е вклучувањето на трката во Македонската тркачка лига – првата официјална лига за улични трки во земјава. Лигата брои вкупно 13 трки низ различни градови, а се очекува да привлече над 20.000 учесници, што го прави ова најмасовното тркачко движење во Македонија досега.
Пријавите за учество се веќе отворени, а интересот расте. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се приклучат, без разлика на нивото на подготовка, со цел преку спорт и заедништво да се оддаде почит на ликот и делото на Рацин.
Настанот е поддржан од Општина Велес.
Стефани Манева
