Велешанец освои сребро на IV Балканска олимпијада по физика

Објавено на 14 октомври, 2022 во 17:57
Фото: Матеј Гелев освојувач на сребрен медал

Талентираниот поранешен ученик на ООУ„Блаже Конески“ Матеј Гелев сега е средношколец во приватното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. За неговите постигнати извонредни резултати на натпревари по математика и физика на општинските,регионални и национални натпревари Дума.мк пишувала многупати досега. Овој пат ќе објавиме извонреден резултат што Гелев го освои на Балканската олимпијада по физика. Натпреварот се одржа во јака конкуренција на  51 ученик од Албанија, Бугарија, Грција, Кипар, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Црна Гора и ученици од земјите-гости – Иран, Казахстан, Киргистан, Туркменистан и Словенија.

Фото: Приватни фотографии на Матеј Гелев

-Натпреварувањето се одржа онлајн. Решававме четири  задачи од областите механика, кинематика и електромагнетизам во времетраење од четири часа. Мојте освоени 71,5 поени значат дека сум решил скоро три задачи што воопшто не беа лесни. Освоените поени ми донесоа сребрен медал. За да се стигне до ваков резултат воопшто не е лесно. Ова ми е втор медал на балканско натпреварување затоашто претходно се натпреварував на европски и меѓународни натпревари. Натпреварот беше по различно искуство затоашто на балканот има диверзитет на образованието. Образовните програми, на пример во Македонија и во Србија, се различни. Српската е многу понапредна од македонската програма. И покрај тоа што ние сме со најслаб образовен систем трите медали и една пофалница што како македонски претставници ги освоивме говорат за потенцијалите и талентите на македонските средношколци. Секако заслугата им припаѓа и на нашите ментори, универзитетските професори кои несебично споделуваа знаење додека не подготвуваа за натпреварот,“ рече Матеј.

Фото: Приватни фотографии на Матеј Гелев

Во македонскиот тим кој го постигна досега најдобриот резултат на балканската олимпијада по физика (BPO4) беа средношколеците  Јан Стојановски кој го освои златниот медал,  Матеј Гелев освои сребро, Емилија Николовска бронза и специјална награда за најдобар постигнат резултат на олимпијадата во конкуренција на натпреварувачки, а Матеа Митревска освои пофалница за успешно учество. Само Матеј е од Велес додека останатите ученици се од Скопје.

Матеј Гелев има 17 години и е ученик во трета година во приватното училиште „Јахја Кемал“. Тој досега учествуваше на шест меѓународни натпревари и освои две пофалници и две медали.По кратката пауза по последниот натпревар Гелев веќе се подготвува за следен,  поточно за Олимпијадата што ќе се одржи во Хановер, Германија. Подготовките се интензивни и се под менторство на неколкумина македонски универзитетски професори.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.