Велешани денеска останаа без векни леб, неизвесно дали ќе можат да купат и утре (фото)
Наместо стандардните дневни количини, денеска, производителите на леб во Велес дистрибуираа минимални количини во градската трговска мрежа. Исто така, ниту една векна леб не стигна од производителот „Жито лукс“. Тие вака возвратија на владината одлука за намалување на цената на лебот од 33 денари по парче.
Само граѓаните кои рано утринава пазаруваа успеаа да го обезбедат основниот прехрамбен производ. Останатите останаа без леб.
Тоа се должи на одзвот на пекарите по повикот на Групацијата на мелничко – пекарската индустрија да го прекинат производството и доставата на леб по продавниците. Велешките производители имаат сосема различна математика од направената на министерот за економија Крешимир Бектеши, според која, векна леб треба да чини 33 денари.
„Во цената на една векна леб не влегува само субвенцијата за електрична енергија. Ниту еден производител на леб во Велес не добил владина помош во брашно или во нафта. Освен основниот репроматеријал, брашното, мора да споменеме дека како производители секојдневно се соочуваме со покачување на цените и на останатите репроматеријали поточно на квасецот, солта, шекерот,адетивите итн. Да не зборуваме за потрошувачката на нафта затоа што дистрибуцијата на лебот од пекарите до продавниците или за амортизацијата на возилата се наш дополнителен товар,“ се пожалија велешките производители.
Пекарите се категорични дека секоја друга цена од најниска, што би чинела 40 денари за векна леб, ќе ги примора да стават клуч на пекарниците. За жал, тие, не можеа денеска да ја соопштат точната количина на леб што ќе ја произведат во текот на утрешниот ден. Но таа ќе биде минимална и неа ќе можат да ја купат само граѓаните кои утре наутро меѓу првите ќе пазарат во трговската мрежа во Велес.
Убавка Јаневска