Велешани трошат повеќе 17 литри во секунда вода за пиење месецов во споредба со јуни
Просечно по 183 литри во секунда вода за пиење трошел градот во месец јуни додека од почетокот на месецов дневната потрошувачка изнесува околу 200 литри вода во секунда. За споредба, во зимскиот период потрошувачката на водата за пиење во Велес се движи од 160 до 170 литри во секунда.
-Во месец јули зголемена е потрошувачката на вода за пиење а тоа се должи на покачените температури и топлотните бранови со енормни горештини. Дневно посебно голема потрошувачка на водата е забележана во попладневните и вечерни часови на денот. Поконкретно станува збор за периодот од 18:00 часот до полноќ. Претпоставуваме дека тоа се должи на потребите од одржување на лична хигиена, наводнување на дворови, градини, разладување на граѓаните и слично, рече Тодорка Пенкова, портпаролка на ЈКП „Дервен“.
Велес не располага со мрежа на технолошка вода којашто на граѓаните ќе им овозможи за полевање на дворови и градини да користат од тој вид на вода. Затоа за да се задоволат и тие потреби се користи водата за пиење. Неа градот ја добива од Хидросистем „Лисиче“ чија акумулација е полна скоро до максимална кота. Водата преку цевковод стигнува до градската Филтерна станица или фабрика за преработка од каде потоа се слева во градската водоводна мрежа.
Според Пенкова, зголемената потрошувачка на вода за пиење нема да предизвика проблеми со водоснабдувањето за време на најавениот топлотен бран викендов за кога се очекува температурата во термометрите да се искачи над 40 степени целзиусови. Велешани можат да бидат спокојни цело лето. Во нивна полза е и состојбата на сосема незначителен број на дефекти коишто се појавуваат и комуналните работници успеваат веднаш да ги отстранат.
Убавка Јаневска