Велешка Итна помош работи со осум наместо со 14 тима и издала вкупно 67.710 здравствени услуги во минатата година

Службата за Итна медицинска помош на велешкиот Здравствен дом минатата година издала вкупно 67 илјади 710 здравствени услуги. Шестте сменски лекари, една споредна и една со платен стаж заедно со 15 сменски и две споредни медицински сестри, во дванаесетте изминати месеци, реализирале 19 илјади 648 амбулантски и 11 илјади 528 прегледи во домашна посета. Во истиот временски период извршени биле и 20 илјади 590 амбулантски услуги и 15 илјади 944 теренски услуги. Последниве бројки се однесуваат на преврски, аплицирање инјекции и инфузии како и транспортирање на пациенти како од сообраќајки така и од велешка Општа болница на клиниките во Скопје или пренос на граѓани во старечки домови низ државата. Во нивната реализација учествувале и 12 сменски како и двајца споредни возачи.
Организационо станува збор за осум здравствени тима, составени од лекари, медицински сестри и возачи распоредени во четири смени кои што ги издале сите 67 илјади 710 здравствени услуги на граѓаните, пациенти, на општините Велес, Чашка и Градско.

Началничката, д-р Васе Поп Стефанова Панова ја прашавме дали издадениот број на здравствени услуги одговара на бројот на здравствени работници вработени во оваа служба на Здравствен дом Велес?
-Според моја проценка не одговара. Вкупниот број на вработени здравствени работници би требало да биде екипиран во вкупно 14 тима. Тоа би значело дека граѓаните на располагање би имале по тројца лекари во тим за четири сменското работење и дополнителни двајца лекари кои би работеле во две смени, во прва и во втора. Исто така освен приоритетно потребните три медицински сестри за да се екипираат сите 14 тима потребни би биле уште две или вкупниот број на потребни медицински сестри би изнесувал пет. Зошто велам дека потребни ни се 14 тима, затоа што при издавањето на теренски здравствени услуги, домашна посета на населените места на пример во општина Чашка, како и за потребите од транспорт на пациенти од велешка Општа болница на скопските клиники, ние повикуваме наши колеги од дома. Тоа се здравствени работници кои по завршена 12 часовна смена треба да се на задолжителен одмор а ние им го кратиме. Единствено добро, кога станува збор за расположливите човечки ресурси, стоиме со вработените возачи чии вкупен број изнесува 14. Тие ги возат четирите медицински возила со лежај и уште толку санитетски возила, рече д-р Поп Стефанова Панова.
Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Велес, Нино Николов е сосема согласен со мислењето на колешката д-р Поп Стефанова Панова. Резултатите од анализите коишто минатата година се правени во оваа јавна здравствена установа, согласно бројот на издадени здравствени услуги од месечните и кварталните извештаи, ја покажале потребата од вкупно седум нови здравствени работници, тројца лекари и најмалку четири медициснки сестри во смена.

-Во два наврати министерството за здравство ги одобри нашите барање но не поминаа кај финансии. Иако реалната потреба изнесува по пет лекари и медицински сестри. Здравствен дом Велес бараше прием на нови тројца лекари и три медицински сестри. Јавната здравствена установа,согласно Годишен план за вработување, има определено финансии за ново вработените во Фондот за плати. Рентабилното работење ја овозможува потребата. Доколку во парламентот биде изгласан законот за буџети ќе биде полесно затоа што нема да се очекува одобрувањето од финансии,додаде Николов.

Пред новогодишните празници, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), ги објави резултатите од Истражување за состојбата во Итна медицинска помош во Македонија. Во него пишува дека еден тим на велешка Итна медицинска помош покрива 14 илјади 910 жители како и дека „во споредба со сите други градови, според бројот на интервенции, отскокнува Велес каде во 2022 година имало дури 59.000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно“. Од ЦГК единствено забележуваат што ниту една од службите во сите градови во Македонија, не води евиденција на сите туку само на излезените медицински тимови на повиците за домашна посета. Од таму,исто така, потсетија и на просекот во земјата кој изнесува 1.350 жители на еден вработен во службата за итна медицинска помош.
Убавка Јаневска
