Велешки корисници на неколку видови социјални помошти чекаат исплата, од Министерството за социјална политика со барање за неколку дневно трпение
Граѓани на Велес, корисници на помошти кои произлегуваат од права на социјална заштита, деновиве, напишаа во месинџер на Фејсбук профилот на Дума.мк дека овој месец наместо на 5-ти декември тие сеуште не ги добиле исплатите на паричните износи за нега, за туѓа нега, како и за повеќе видови на попречености. Дел од членови на нивни семејства за овој проблем новинарите на Дума.мк ги информираа и во лични контакти на настани коишто се одржуваа во градот или штом ги забележуваа на улица чудејќи се како дел од надоместоците, на останати категории на корисници се исплатени.
Сите тие побараа да дознаат кога ќе ги добијат паричните средства на своите или трансакциските сметки на нивните родители или други членови на семејствата. Дума.мк испрати новинарско прашање на е-мајл адресата на Министерството за социјална политика, демографија и млади во кое што праша за причините за нереализираната исплата на овие категории на велешани.
Оттаму денеска одговорија причината за доцнењето на исплатата било унапредување на софтверското решение на системот за социјална заштита.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади работи на унапредување на софтверското решение на системот за социјална заштита односно се работи на миграција на податоци од стар во нов систем на податоци, кој значително ќе го подобри функционирањето на истиот. Истовремено, Министерството повикува на разбирање од корисниците и уверува дека се работи за краток период од неколку дена,“ пишува во одговорот на ова министерство.
Според одговорот на Министерството за социјална политика. демографија и млади не станува збор за неизвршена исплата само за Велешани туку за сите корисници на територијата на државата.
Убавка Јаневска