Велешки пожарникари и шумарски работници на „Бабуна“ го спасија манастирот „Свети Ѓоргија“ над село Степанци, пожарот сеуште е активен
Од вчера на пладне до вчера вечер траеше акцијата на шестте пожарникари спасители со две противпожарни возила на Територијалната противпожарна единица Велес за гаснење на шумскиот пожар што беснееше кај манастир „Свети Ѓоргија“, над село Степанци, во Општина Чашка. Огнот пустоши мешана шума со квалитетна дрвна маса.
Поточно, велешките пожарникари заедно со шумарски работници на ШС „Бабуна“ интервенцираа на крак од големиот пожар што повторно се активира во шумата на планина Мукос и стигна во близина на селото Оморани. Еден крак од овој пожар се прошири и кон село Степанци.
Манастирот „Свети Ѓоргија“ беше спасен откако во акцијата на гаснење, пожарникарите заедно со шумарските работници, направија пресека или обрач што значи сечење и куткање на дел од дрворедите во шумата за да се направи поширок празен простор со што би се спречило огинот да префрли и да се шири.
Според информации од терен пожарот не е локализиран бидејќи огнот зафатил и непристапен терен.
Од ТППЕ Велес апелираат граѓаните доколку се забележат пожар да се јават на бесплатните телефонски броеви 112 или 193.
Убавка Јаневска