Велешки работници и студенти со воз до Скопје патуваат по два часа, од Национални железници велат дека менувале прагови и ќе го прилагоделе возниот ред за овие редовни патници

Објавено на 24 март, 2025 во 15:32
Фото: Архива на Дума.мк

Со брзина од 30 км/час сообраќаат патничките возови на релацијата Велес – Скопје и исто толку во обратен правец. Доцниме на работните места,“ денеска соопштија работници од Велес којшто со месечни билети, секојдневно, патуваат на оваа релација. Неколкумина од нив додадоа дека со нив патувала и група на студенти. Дел од работниците споделија и снимени видеа на социјалните мрежи во кои се гледа како утрово патнички воз сообраќа со мала брзина додека дел побараа од новинарите да ја дознаат причината и особено временскиот период во кој Национални железници планираат да ја практикуваат со цел да не вадат месечни билети за месец април и да побараат алтернативен превоз.

Од Национални железници (НЖ) – Инфраструктура одговорија на новинарските прашања на Дума.мк, поточно на што се должи намалената брзина на сообраќање на патничките возови на релацијата Велес – Скопје – Велес, до кога ќе трае и што ќе превземат за да се надмине овој проблем, поточно кога?

Во врска вашето прашање во мејлот подолу, сакаме да одговориме дека МЖ Инфраструктра воведува бавно возење  од безбедносни причини бидејќи на одредени места на пругата Велес -Скопје-Велес  се врши замена на прагови.  Во тек е изработка на проектна документација за реализирање на санација  на пругата во текот на годината, но за жал во наредните месеци ќе се вози со намалена брзина на возовите“, гласи одговорот на овој дел од македонското јавно железничарско претпријатие.  

Според Генералниот директор на Национални Железници – Транспорт, Дејан Кошутиќ, состојбата со овој дел од пругата Скопје – Гевгелија е во лоша состојба.

Намалувањето на брзината на возовите на делот од Велес до Скопје е од безбедносен карактер бидејќи пругата е доволно стара и амортизирана за сообраќање на возови со редовна брзина. Тоа што можам во овој момент да го соопштам е дека ќе превземеме мерки за да се прилагоди Возниот ред според потребите на патниците и да спречиме нивно доцнење, рече Кошутиќ. И тој ја најави предвидената и неопходна санација на пругата.  

Според информации на Дума.мк на релацијата Велес- Скопје – Велес секојдневно со месечни билети патуваат околу 50 патници додека заедно со оние кои вадат дневни билети бројката достигнувала до двојно повеќе.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.