Велешките Акцијаши ветерани ја исчистија површината околу и на трибините на стадионот во Чашка
Дванаесет акцијаши од Велес и четири млади фудбалерчиња со Љупчо Стојков, претседател на двата фудбалски клуба во Чашка учествуваа во денешната акција за чистење од дива трева, жбунови, самоникнати дрвја и багреми околу фудбалското игралиште во населбата Чашка. Акцијата започна утринава во 6:30 часот. Тие за неполни четири часа го исчистија просторот и од смет што со децении се трупал на просторот во близина на центарот на населбата.
„Ова е прва акција за чистење на овој простор досега. Успеавме да искастриме диви багреми и други видови на самоникнати дрвја, да откорнеме жбунови со трње и багреми кои го грдат изгледот на стадионот и делот на трибините. Исто така ја покосивме тревата на теренот за игра. Акцијата е резултат на повик од страна на управата на фудбалскиот клуб кој само што се формираше и за кој постои голем интерес како од машки така и од женски деца во населба Чашка, рече Делчо Костов претседател на ЗГ „Велешки Акцијаши“.
Според Љупчо Стојков, претседателот на двата фудбалски клуба,машки и женски, „Чашка“ оваа акција е од особено значење за големиот број на деца кои тренираат на игралиштето.
„Голема благодарност за несебичната поддршка на акцијашите. Акцијата помага во создавање на многу подобри услови за тренинзи на големиот број на дечиња кои се дел од двата фудбалски клуба ФК „Чашка“ и ЖФК „Чашка“. Исто така и за одигрување на натпреварите во кои учествуваат нашите деца во македонските фудбалски лиги. Кон несебичната поддршка на нашиот потпретседател Ердован Еки Етовски еве денеска се вклучија и акцијашите од Велес, додаде Стојков.
Во акцијата се вклучија четири деца, членови на ФК„Чашка“ кои заедно со Стојков ја одбранија честа на своите сограѓани. Тие несебично им помогнаа на акцијашите. Сега тие со соиграчите од ФК„Чашка“ и ЖФК „Чашка“, на исчистениот терен, ќе можат подобро да тренираат, да одигруваат натпревари кои во похумани услови ќе ги следи публиката во населба Чашка.
А.Ј