Велешките акцијаши, ветерани и млади, одлични на траса и во слободни активности на МРА „Рибариќи“ во Нови Пазар

Објавено на 22 јули, 2024 во 10:17
Фото: Работа на млади акцијаши на Македонска бригада на траса

Со вкупно 11 бригадири, пет млади и шест ветерани, партиципира ЗГ„Велешки акцијаши“ во Македонската акцијашка бригада на Меѓународната работна акција „Рибариќи“ која што се одржува во градот Нови Пазар, во соседна Србија. Тие заедно со останатите македонски акцијаши од Штип ја составија бригадата која брои вкупно 31 бригадири, од кои 12 млади и 19 ветерани од кои тројца се од Србија а се членови на ова велешко акцијашко здружение. МРА„Рибариќи“ засега е единствена работна акција на територијата на нашиот северен сосед.

Фото: Свечено отворање на МРА„Рибариќи“ во Нови Пазар, Р.Србија
Фото: Дел од ветераните на Македонска работна бригада на траса

Трасата на Меѓународната работна акција се наоѓа на езерото „Рибариќи“,рече за Дума.мк Делчо Костов претседател на ЗГ„Велешки акцијаши“.

Фото: Работа на траса на млади македонски бригадири
Фото: др Никола Нацев акцијаш ветеран на Македонска работна бригада на траса

-Работиме на уредување на плажите на езеро „Рибариќи“. Додека младите акцијаши го рамнат делот на плажите по кипање на количините со шљунак, ветераните го градат потпорниот ѕид. Македонската работна бригада на акцијата стигна во саботата, на 20 јули и присуствуваше на свеченото отворање на меѓународната акција. Од вчера сме веќе на траса, работиме напорно и горди сме на резултатите што ги постигнуваат 12 млади македонски бригадири. Користам можност да ги информирам нивните родители дека тие се здравствено добри и освен што постигнуваат одлични резултати на траса одлично ги бранат боите на Македонија во културно забавните, спортските и интелектуалните игри во попладневните и вечерни часови на акцијата“, додаде Костов претседател на ЗГ „Велешки акцијаши“.

Фото: Делчо Костов со дел од младите велешки акцијаши

Годинава на Меѓународната работна акција „Рибариќи“ учествуваат четири Работни бригади, по една од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Турција. На акцијата во помали групи пристигнаа и акцијаши ветерани од Словенија, Хрватска и Црна Гора. Сите акцијаши се одлично прифатени од домаќините, организаторите на Меѓународната работна акција „Рибариќи“ и граѓаните на Нови Пазар. Акцијата ќе трае до сабота, 27 јули.

Фото:Работа на траса на македонските бригадири на МРА„Рибариќи“ во Нови Пазар, Р.Србија

Учеството на работната акција на македонската бригада е од особено значење за македонските акцијаши ветерани затоашто од една страна ја враќаат старата добра традиција на доброволна работа и од друга страна го пренесуваат искуството на млади луѓе во кое доминира давањето придонес во работа од која не се очекува финансиски бенефит туку се подигнува квалитетот на живот на граѓаните во локалната заедница.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.