Велев: Глукомерите треба да пристигнат до 10 август, бидејќи треба да поминат на проверка пред користење
Дијабетичарите во државата седум месеци беа оставени без потребните терапии и апарати. Тие немаа ни глукомери, ниту ленти. Претседателот на Сојуз на здруженија на дијабетичари, Димче Велев, овој временски период го нарекува „голгота“. Последната средба со Министерот за здравство Фатмир Меџити, заврши со потпишување на договорите за глукомери и ленти за кои Велев вели дека треба да пристигнат најдоцна до 10 август поради обврска истите да бидат прегледани.
-Глукомерите ќе треба да ги почекаме бидејќи економскиот оператор има обврска да ги увезе, да поминат царина и по законски прописи на коишто ние ги инсистиравме, а „Малмед“ како Агенција, надлежна за лекови и помагала да ги провери дали се сите во ред за користење. Тоа е процес којшто трае околу 10 дена и првите ленти ги очекуваме да пристигнат до 10 август. Овие договори сега ќе мора да се исполнат, иако од самиот избор не сме многу среќни, бидејќи се од најефтините и едни од по не квалитетните ленти и глукомери. Но, се надеваме дека ќе си ја вршат својата функција. Се надеваме и дека до 2025 година ќе имаме нов модел за добивање ленти и апарати преку референтна цена, бидејќи ние баравме негова промена но веќе е доцна. Дека ќе се пристапи кон анализа за воспоставување на новиот модел на право на избор на глукомери ни вети и министерот, додаде Велев.
На последниот состанокот потпишан е и договор за добивање на сензори за контирунирано мерење шеќер во крв. Овие сензори ќе ги добијат децата, младите граѓани до 18 години со дијабет тип 1, слепите лица како и бремените жени.
-Овие сензори треба да ги добиеме до крајот на месец август. Вистинско изненадување е што дополнително уште 570 лица кои се дијабетичари но со потешки компликации ќе ги добијат истите и со нив вкупната бројка ќе изнесува 1.300 лица. Со овие сензори се овозможува дигитализирано мерењето што ќе има можност да го следи родителот, семејството како и докторите со цел навремено да реагираат, додаде Велев.
Инаку, анти дијабетната терапија којашто е донесена во Македонија, се уште не е пуштена иако од Сојуз на здруженија на дијабетичари побарале да биде пуштена веднаш. Велев вели дека веќе немаат никакво оправдување иако два – три пати до сега апелирале и до министерството. Додека, инсулинската терапија е наградена со најмодерни и иновативни терапии, сепак два месеци поради немање на игли терапијата не можела да се користи. Сега иглите ги има но во мал број, затоа апелираат до економскиот оператор да се зголеми нивниот број.
Стефани Манева