(Видео) Амбасадорот на ЕУ Н.Е. Михелис Рокас: Нашите приоритети се 100% хармонизирани и овластени со приоритетите на Општина Велес

Објавено на 27 мај, 2025 во 14:30

Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Михалис Рокас, денеска беше во прва официјална посета на Општина Велес. За време на посетата, во општинската зграда евроабасадорот оствари средба со градоначалникот Марко Колев, како и со членовите на Советот на Општина Велес, при што разговараа за приоритетните прашања кои се важни за развојот на општината и за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Во својата изјава за медиумите, амбасадорот Рокас истакна дека со советниците разговарале за клучните предизвици со кои се соочува општината, поточно водоснабдувањето и управувањето со цврстиот отпад за кои, како што рече, потребно е итно и координирано решавање, но и дека приоритетите на ЕУ се целосно усогласени со оние на Општина Велес

– Денешната посета ми претставува можност да се видам со општинскиот совет и да можам да слушнам за предизвиците и приоритетите коишто ги има општината. Сите се согласивме дека водоснабдувањето и третирањето на цврстиот отпад се приоритети кои мора да се адресираат веднаш. Европската Унија ќе продолжи да дава финансиска поддршка и важно е сите извори од ЕУ, централната и локалната власт да бидат усогласени за да се постигнат реални, видливи резултати за граѓаните, објасни Рокас.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев, изрази голема благодарност до амбасадорот и делегацијата на Европската Унија за досегашната и идната поддршка.

– Сите сме сведоци на веќе направените проекти поддржани од Европска Унија, но има и проекти кои ќе се имплементираат. Јас искрено се заблагодарив за поддршката за Европската Куќа, за Хабот, за поддршката за изградба на кејот на реката Вардар и проектот за уредување на централното градско подрчаје. Денеска зборувавме и дека Општина Велес во изминатите две години интензивно работеше за обезбедување на техничка документација и пред еден месец е издадено одобрението за градба на прочистителна станица којашто без Европска Унија не може да се направи, изјави Колев.

Посетата на амбасадорот Рокас уште еднаш го потврди партнерството меѓу Европската Унија и Општина Велес. Идните проекти и соработки остануваат клучни за решавање на инфраструктурните и еколошките предизвици со кои се соочува градот.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.