(Видео) Граѓани бараат да проработи уличното осветлување на улица „Архиепископ Михаил“, општината соопшти дека дефектот денеска ќе се отстрани
Дваесет и еден ден, во вечерните часови, живееме во целосен мрак, напишаа граѓани кои живеат на улица „Архиепископ Михаил“ во мејлови што ги испратија деновиве на Дума.мк. Тие се пожалија дека на осветлувањето од почетокот на улицата, позади хотел „Интернационал“ до основното училиште „Свети Кирил и Методиј“, светела само една светилка. Додадоа дека зачестиле кражбите на приватните автомобили како и дека стравуваат да се движат по улица, навечер, после 21 часот. Овие граѓани тврдењето го документираа и со видео материјал.
Жителите на улицата „Архиепископ Михаил“ побараа да ја прашаме локалната власт кои се причините за темнината и кога ќе добијат улично осветлување.
„На посочената улица има дефект во мрежата за улично осветлување. Во моментов се работи на отстранување на дефектот на Ул. Архиепископ Михаил и истиот ќе биде решен до крајот на оваа работна недела,“ одговорија од општина Велес на новинарското прашање на Дума.мк.
Од таму додадоа дека се применува минатогодишната препорака од македонската влада, за штедење на електрична енергија. Затоа општината во мрежата на улично осветлување ги оставила да светат не сите туку преку една светилка во мрежата на улично градско осветлување.
Токму на намаленото осветлување, во изминатиов шест месечен период, континуирано се жалат граѓани кои живеат во различни делови на Велес.
„Во тек е повторно приклучување на изгасените светилки низ градот и во најкраток можен период ќе бидат ставени во функција. Инаку моќноста на светилките на уличното осветлување во Велес стандардна е и пропишана е од производителот. Таа изнесува 150 W ( вати) за главните градски улици и 70 W ( вати) за сите други улици на територијата на Општина Велес . Причина за темнината може да биде: нефункционирање на дел од уличното осветлување , вегетација , новоизграден објект во тесните градски улички којшто ја затскрива уличната светилка итн,“ одговори општина Велес на новинарското прашање постои ли причина за темнината во вечерните и во ноќните часови во градот.
Убавка Јаневска