(Видео и фото) Бројот на новозаболени жени од канцер на дојка двојно се зголеми, во Велес регистрирани и мажи со иста дијагноза
Велес го превзема приматот на водечки град во Македонија по број на заболени жени од канцер на дојка. На годишно ниво бројот на заболени пациентки се зголемил на 1000 новозаболени. Се симнува и старосната граница на заболените. Таа сега паднала на 40 годишна возраст иако најмладата велешанка која е оперирана од канцер на дојка има само 21 година додека во Македонија канцер на генитални органи е откриен кај 17 годишна девојка. Овие загрижувачки информации денеска беа соопштени на трибината „Рано откривање на канцер на дојка“ којашто Општа болница Велес ја организираше во Јуроп Хаус.
Трибината има за цел да ја подигне свеста за редовни самопрегледи на велешанки како и користење на термините од прегледите на Скринингот којшто го спроведува Министерство за здравство. Др Тања Петровска специјалист по радиодијагностика и субспецијалист по гинеколошка и мамодијагностика на ЈЗУ Универзитетска клиника по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје ги едуцираше присутните и апелираше на градење култура кон личното здравје. Има промена во патеката на закажување на на прегледите како дел од скрининг постапката. Докторката во одговор на прашање на Дума.мк појаснува што треба да сторат жените и каде да се обратат доколку напипале топче на дојка.
Со вака алармантни бројки од по илјада новозаболени жени со канцер на дојка и појава на болеста кај мажите, др Лилија Чолакова Дервишова бара државата итно да почне да размислува за отворање на Центри за дојка во јавните здравствени установи низ Македонија.
Со претседателката на Здружението на приватни лекари во Македонија се сложуваат и членките на групата „Љубов сме“ во која членуваат онколошки пациентки, жени кај кои канцерот на дојка е откриен, тие се оперирани и сега составен дел на нивниот живот се редовните контроли.
Со болеста канцер на дојка се живее, но доколку биде рано откриена и навреме бидат превземени сите здравствени мерки за нејзино лекување. Сепак животот не е така едноставен констатираа оперираните жени говорејќи отворено за личната и грижата на семејствата кои се нивната најголема поддршка.
Со денешната трибина и ЈЗУ Општа болница Велес се вклучи во активностите коишто се организираат низ државата и се посветени на розевиот месец, поточно октомври, којшто е посветен на подигнување на свеста за болеста канцер на дојка.
Убавка Јаневска