(Видео и фото) Граѓани побараа чистење на фонтаната во Младински парк, ЈКП „Дервен“ испрати екипи за интервенција
Од фонтаната во Младински парк се шири смрдеа и во неа има количини на смет, како најлонски кеси, камења и парчиња од дрвја, пишуваа граѓани до Дума.мк. Тие, исто така, се жалеа и на водата што истекува надвор од фонтаната и ги поплавува плочките во паркот на простор што вообичаено го користеле нивните деца и внуци за игра. Во пораките кои, баби и мајки, ги испратија има и видео клипови во кои се прикажуваше состојбата заедно со барања за интервенција на Јавно комунално претпријатие „Дервен“.
Дума.мк побара одговор на граѓанските прашања од „Дервен“ од каде што соопштија дека веднаш испратиле екипи за интервенција.
„Проблемот со истекување на вода од фонтаната во Младинскиот парк беше предизвикан од чин на вандализам, поточно фрлен цврст отпад од страна на несовесни лица (гранки, камења, најлонски кеси и др.) , при што беше затната решетката на фонтаната и предизвикано нејзино оштетување. Работните тимови на ЈКП Дервен работат на враќање на фонтаната во функционална состојба,“ соопштија од општинското комунално претпријатие.
Исто така, од „Дервен“, најавија дека наскоро фонтаната во Младински парк ќе биде наполнета со вода со вклучен распрскувачки дел. Во исто време апелираа на совесност од страна на граѓаните кои не треба да фрлаат смет во внатрешноста на фонтаната.
Убавка Јаневска