(Видео и фото) Ковачевски и Гир: Милијарда евра досега преку ИПА за македонската инфраструктура, градиме современи и безбедни патишта и се поврзуваме со Европа

Објавено на 19 јули, 2023 во 13:13

Изградбата на современиот експресен пат со мостови, клучки, надвозници, подвозници, одводнување Градско – Дреново е во должина од 15,5 километри. Новиот пат го финансира, во најголем дел, ЕУ преку европските ИПА фондови.

„Овој нов експресен пат што се гради, од Дреново до клучката Градско, дел од Коридорот 10 – д, уште еден пример е дека посветено работиме на изградбата на безбедни и модерни патишта. Со тоа, создаваме европски услови за живот на граѓаните, овде, во државата и ја поврзуваме Република Северна Македонија со Европа“, рече денеска премиерот Ковачевски при посетата на градилиштето на патот во изградба.

„Делницата на експресниот пат од Дреново до клучка Градско практично се спојува со еден од најфреквентните патни правци во земјава, Градско – Прилеп. Со тоа ги поврзува источниот и западниот дел на државата и обезбедуваме комуникација и кон север и кон југ. Неговата изградба, затоа, е од големо значење за подигнувањето на нивото на безбедноста во сообраќајот во овој регион. А како дел од паневропскиот Коридор 10, односно крак 10 – д, патот од Дреново до клучка Градско, влегува и на картата на европската патна мрежа“, додаде Ковачевски.  

Патот е во должина од 15,5 километри. Досега во изградбата се вложени над 21 милион евра европски пари и над 3,5 милиони евра државни пари. Реализацијата на изведбата е 75 проценти. И, во моментов се разгледува можноста за дофинансирање на околу 9,8 милиони евра од ИПА фондовите. Се очекува проектот да се комплетира во првите месеци од следната година, какви што се проценките од надлежните.

„Како што може да се уверат и граѓаните, ние како Влада имаме поддршка од нашите европски партнери, во нашите искрени напори да осигураме европски стандарди тука, како и да ја внесеме државата во ЕУ. Европската Унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, како и во нашата држава за исклучително важни проекти како што е овој пат на кој сме денеска“, додаде премиерот, кој соопшти дека преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу милијарда евра неповратни средства. ИПА 3 програмата (2021-2027) е веќе започната. Проектираните средства за 2021, 2022 и 2023 година се во вкупен износ од околу 243 милиони евра. А во тек е програмирањето за 2024 година на финансиски средства со износ од 80 милиони евра.

Претседателот на Владата, Ковачевски, се заблагодари на амбасадорот на Европската Унија, Гир и на граѓаните на државите членки на ЕУ, во името на граѓаните на Република Северна Македонија, за големата поддршка за реализацијата на големата, стратешка, европска цел.

ЕУ ќе продолжи да вложува во економскиот развој и во просперитетот на државата, порача евроамбасадорот Гир.

„Целта на поддршка од Европската Унија е Република Северна Македонија да се спреми на стане полноправна членка и да ги ужива придобивките од членството во ЕУ. Да има пристап во поголеми ресурси“, порача амбасадорот Гир.

Евроамбасадорот Гир посочи дека тие придобивки значат повеќе работни места, подобрување на животниот стандард, поголеми деловни можности и укажа на можностите што ги отвора и Планот за раст на земјите од Западен Балкан, чијашто цел е пристап до придобивките од членството во ЕУ и во текот на процесот на пристапувањето кон ЕУ.

„Ова се огромни можности што овозможуваат да напредувате во реформите и на европскиот пат“, порача амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Во обиколката на градилиштето Ковачевски и Гир беа придружувани од  министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.