(Видео и фото) На 9 Ноември, денот на Велес, отворен покриениот Градски пазар

Објавено на 9 ноември, 2023 во 14:43

Со благодарност за придонесот на претходните градоначалници Славчо Чадиев и Аце Коцевски, членовите на Советот на Општина Велес во тогашните мандати и во сегашниот, до македонската Влада за финансиската поддршка ја почна денешната изјава актуелниот градоначалник Марко Колев на свеченото пуштање во употреба на новиот, покриен Градски пазар во Велес.

„Финансиската конструкција ја затворивме и со кредит на Светска банка којшто ќе го плаќаме во наредните години. Како актуелен градоначалник пред се сакам овој објект да го чуваме за граѓаните да го користат додека граѓаните кои продаваат да се чувствуваат комотно, безбедно и заштитено. Нека е честит 9 Ноември, денот на град Велес,“ додаде Колев.

Градоначалникот повтори дека засега земјоделските производители нема да плаќаат повисока цена за користење на тезгите во пазарот и најави дека општината интензивно ќе работи на сузбивање на дивите продавачи поточно на нивно внесување во пазарот со цел да се воведе ред како што бараат граѓаните.

Поранешниот градоначалник Славчо Чадиев објасни дека во неговиот мандат започнала процедурата на реализацијата на идејата која претходно била иницирана.

„Ние само ја започнавме постапката на овој грандиозен проект. За мене овој пазар претставува најголем регионален. Им честитам на граѓаните на Велес и очекувам да се чувствуваме покомотно во него како тие што продаваат така и ние што купуваме производи.Актуелниот градоначалник беше дел од тимот кога започна оваа успешна приказна и уште еднаш честит 9 Ноември на сите граѓани, “ додаде Чадиев.

Упатувајќи благодарност до Колев за како што рече ,,убавиот гест на покана на поранешните градоначалници на свеченото отворање на пазарот“ и деветоноемвриска честитка до сите велешани во градот и надвор од него, поранешниот градоначалник Аце Коцевски се заблагодари на сите кои дале придонес за завршување на изградбата на капиталниот објект.

„Прво на членовите на Совет на Општина Велес во мојот мандат за донесениот Детален урбанистички план за овој дел на Велес,во процедура којашто траеше десеттина години, без кој не можевме сами да си доделиме Одобрение за градба и за одлуката за почеток на изградба на пазарот. Благодарност до владата за доделените 40 милиони денари на мое и барање на членовите на тогашниот Совет на општината, како и на Светска банка за доделување на заемот под многу поволни услови без кои не ќе можеше пазарот да стане реалност. Со здравје да се служат сите граѓани со пазарот, додаде Коцевски.

Динамиката на реализација на изведбата на покриениот Градски пазар беше побавна од предвидената. На горниот дел изведувачот „Бауер БГ“ каснеше една година додека на долниот дел „БВ инжинеринг“ скоро девет месеци, рече Снежана Дервишова од Одделение за комунални работи на Општина Велес.

„За доцнењето на фирмите им наплативме казнени пенали. Нивното доцнење придонесе градскиот пазар да го имаме поевтин за 6 милиони и 300 илјади денари. Севкупно, во двете фази беше плаирано градски пазар да чини 86 милиони и 400 илади денари но финално чини 84 милиони денари од кои 6 милиони и 300 илјади денари изнесуваат казните. Многу редок е примерот на премер пресметка според која инвестицијата се затвора, финализира, со помала вреност на чинење од предвиденото. Тоа е случај со нашиоѕ градски пазар,додаде Дервишова.

Покриениот Градски пазар во Велес има корисна површина од 4 илјади и 200 метри квадратни. Голем број на граѓани, освен поканети гости на денешното свечено пуштање во употреба, имаа можност да го разгледаат објектот.

Први тоа го сторија Колев, Чадиев и Коцевски заедно со претседателот на Совет на Општина Велес, Зоран Љутков како и советниците, пратеникот Игор Здравковски, директори на јавни локални институции и земјоделски производители коишто веќе од утре ќе можат да ги користат поставените тезги за продажба.

Убавка Јаневска

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.