(Видео и фото) Пет децении од матура одбележаа велешки продавачки и продавачи
Вкупно 30 од три класа матуранти на генерацијата трговци – продавачи кои го завршиле своето образование во учебната 1973/74 следејќи ја наставата во тогашниот Работнички универзитет „Благој Страчковски“ и средно економско училиште „Јовче Тесличков“ вчеравечер одбележаа 50 години од матурирањето. Велешани ќе се сетат на нив затоа што ги услужувале при пазарењето во градската трговска мрежа тогаш составена од продавници и деликатес на „Интернационал“, на продавници и стоковна куќа на „Велеспром“, во маркетите „Импрес“ и во „Центро“. Тодорка Петровска Јорданова во име на својата генерација раскажа кои се всушност нејзините колеги, денеска сите пензионери.
Од последна средба на оваа генерација, која одбележала 10 години од Матура, поминале четири децении. Тие беа искрени во одговорите дека дел и не можеле меѓу себе да се препознаат затоа што долго време не се сретнале иако најголем дел живеат во Велес, но други во Богомила, трети во Свети Николе, четврти во Росоман и во Кавадарци како и во уште неколку други градови на централна Македонија.
Јованче Ѓошевски рече дека оваа генерациска средба ги мотивирала на договор да го надоместат пропуштеното поточно наредните да ги организираат секоја година и да ги пронајдат сите што годинава не успеале да ги исконтактираат.
Со триесетте продавачки и продавачи, вчера вечер, се дружеше и еден професор. Тоа беше Трајче Колев кој им го предавал предметот „Организација“ и бил класен раководител на дел од присутните.
Убавка Јаневска