(Видео и фото) Полицијата има осомничен за пожарот во казиното во Нова Населба, Итна помош не интервенирала додека велешките пожарникари го ликвидирале огнот за еден час
Полициски службеници од Сектор за внатрешни работи Велес, доцна попладнево, во 18: 00 часот го лишиле од слобода Д.М.(42) од село Бузалково, велешко, поради сомнение за предизвикување на пожарот во казино во Нова населба.
-Четириесет и две годишниот маж Д.М, од село Бузалково се сомничи дека со запалива течност предизвикал пожар во казино во Велес. Пожарот бил локализиран од страна на Територијална противпожарна единица Велес. Д.М. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, соопшти Биљана Ѓаковска портпаролка на СВР Велес.
Во пожарот нема повредени граѓани и немаше потреба од медицинска интервенција, соопшти д-р Васе Поп Стефанова Панова началничка на Итна медицинска помош.
Пожарникарите на Територијална противпожарна единица Велес затекнале објект со разгорен оган.
-Затекнавме разгорен активен пожар во чие гаснење беа вклучени шест пожарникари со две противпожарни возила. Интервенцијата траеше еден час поточно од 17:40 часот до 18:40 часот. Пожарот го изгаснавме, рече командирот Димче Јованов.
Пожарот создаде паника кај станарите во зградата во чие приземје се наоѓа казиното на улица „Благој Ѓорев“ во Нова населба. Сите семејства ги напуштија своите домови. Возрасни и деца повеќе од еден час стоеја на плочникот пред влезовите во зградата.
Додека полицијата ќе ги утврдува причините за предизвикување на пожарот помеѓу граѓаните кои вечерва повеќе од еден час беа надвор од своите домови се прошири вест дека станува збор за маж кои реагирал со палење на казиното затоа што во него изгубил пари на игрите на среќа.
Убавка Јаневска