(видео и фото) Со свечено доделување на индексите започна академската година за бруцошите на ТТФ Велес
Бруцошите на Технолошко- техничкиот факултет во Велес, денеска, присуствуваа на првиот академски час на којшто ги добија своите индекси и основните информации за започнување на студиите. Среќни и возбудени, внимателно ги слушаа препораките на деканката и професорите како и искуствата на асистентите коишто претходно биле студенти на велешкиот факултет. И годинава, студентите имаа можност да одберат да бидат дел од смеровите Нутриционизам или Прехранбена технологија и биотехнологија.
Деканката проф. д-р Татјана Калеска рече дека годинава процентот на запишани студенти е зголемен во однос на претходната година.
На првиот академски час свое кратко обраќање имаа и продеканката по настава проф. др Татјана Блажевска, продеканот по финансии Проф. д-р Сашко Мартиновски како и продеканката по наука и меѓуанродна соработка проф. д-р Даниела Николовска Неделковска. Тие на студентите им ги објаснија поволностите коишто ги нуди факултетот како и процесот на студирање и полагање на предметите.
Свое кратко обраќање пред студентите имаа и асистентите М-р Тања Стојановска и М-р Елеонора Делиниколова коишто претходно биле студентки на факултетот а сега се вработени и дел од тимот за добра и квалитетна настава.
На самиот крај студентите имаа можност да се претстават и да се запознаат меѓусебе.
Во моментов трае четвртиот уписен рок за запишување на студенти во прва година со што се очекува бројот на бруцоши да се зголеми.
Исто така, бруцошите на велешкиот факултет за првиот семестар се ослободени од партиципација додека за да бидат ослободени и вториот семестар треба да имаат положено предмети и остварено најмалку 22 кредити.
Стефани Манева