(Видео и фото) Училишното ѕвонче го означи почетокот на учебната 2023/24 година, сите ученици во Велес од денеска на настава
Со настава во прва смена започна првиот училишен ден на учениците во деветте паралелки во прва година во ССОУ„Коле Неделковски“. Во училишниот двор стигнаа сите кои се запишаа во прва и учениците во трета година во ова средно училиште во Велес. Тие се најбројни во споредба со останатите три средни училишта во градот.
„Чекам да бидам прозван. Да видам кој од наставниците ќе биде мојот класен раководител. Исто така да ги слушнам предметите кои ќе ги учам во прва година и да ги добијам основните информации за учебниците,“ рече Димитар.
Учениците стоеја во групи, според училиштата или класовите во кои учеа во основните училишта. Кај голем дел од нив се чуствуваше возбуда за новиот предизвик кој пред себе си го поставиле. Учениците во трета година веднаш по пристигнувањето се упатуваа кон училниците.
Во ССОУ„Коле Неделковски“ во втора смена на настава се учениците од втора и четврта година.
Новата учебна година за сите ученици, од прва до четврта година, на ОСУ „Јовче Тесличков“ утрово заполна во прва смена. Меѓу нив беа и учениците од трите паралелки во прва година. Во ова општинско средно училиште и годинава учениците ќе се образуваат за квалификациите: техничар за Е-трговија и дигитален маркетинг, правен техничар, економски техничар како и за продавач и референт за продажба. Само последниот профил е со тригодишно додека останатите со четири годишно образование, рече директорот Васко Трајковски.
„Наставата започна, сите ученици дојдоа на настава. Дел можеби со жалење што заврши летниот распуст но сите со желба за стекнување на нови знаења во учебната 2023/24 година. Беше реализирана прозивката на новите ученици во прва година и распоредување по класови од страна на класните раководители. Останатите ученици, од втора,трета и четврта година веднаш по доаѓањето влегоа во училниците. На сите им посакувам успех во претстојната учебна година, додаде Трајковски.
Наставниците и по заминувањето на учениците продолжија со работа. Дел имаа едукација. Останатите работеа на наставните програми и планови.
Убавка Јаневска