(Видео и фото) Велешко „Младост“ ќе мора да се чисти повеќе денови, на првиот извадени само 30 тони од непознатата материја
Помал дел од вкупно 50 граѓански активисти на ЕД „Вила Зора“, Црвен крст Велес, Кајакарски клуб „Бабуна Велес“, „Клуб 28“ од Велес и ЗГ „Акцијаши ветерани“ Велес доброволно работеа пет часа додека иницијаторите, ЗСР„Бабуна“ Велес, сеуште се на брегот на езеро „Младост“ и вршат подготовки за нов начин на вадење на материјата што ја покри површината на водата. „Таа тешко се вадеше со рибарски мрежи од страна на риболовците кои беа во моторните чамци на пеколната температура затоа што е тешка и во јужниот дел на „Младост“ не е дебела само неколку сантиметри туку повеќе метри во внатрешноста на езерото“, рече Олгица Наумоска од ЕД „Вила Зора“. Наумовска во видеото раскажува за се што им создаде проблеми во првиот од вкупно предвидените два дена за чистење како и за тоа што ги приморало во од да го менуваат начинот на вадење на корупкастиот слој од водата.
Станува збор за комплицирана и тешка работа којашто граѓанските активисти ја реализираат доброволно поточно волонтерски. Риболовците сега коваат штици што ќе послужат како помошни средства коишто ќе се закачуваат помеѓу чамците за да ја туркаат кората од езерската површина кон брегот. Таму и утре ќе чека цистерна за директно да ја вшмукува. Потоа езерскиот брег ќе се чисти затоа што сонцето за кратко време од неа создава материја која според тоа што се случува кога е на суво, за кратко време, станува како бетон.
И ако во текот на утрешното утро, од 05:00 до 10:00 часот се собере нова количина од 30 тони на непознатата материја тоа е премалку. Неа ја има во стотици тони на површината на езеро „Младост“. Затоа ќе биде потребна како помош од поголем број на граѓани волонтери така и повеќе пари од првично издвоените 30 илјади денари на Општина Велес.
Убавка Јаневска