(Видео) Приколка на бандаж, наместо на гума, вози низ улиците на Велес и продолжува кон црква „Свети Спас“
Видеото е снимено на улица „Петре Прличко“ додека автомобилот што ја влече приколката, на една гума и на бандаж, потоа продолжува да се движи по улица „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Сосема идентична глетка твдат дека виделе и жители на улица „Прохор Пчински“. Тие раскажуваат како освен оваа приколка исто така и автомобил којшто на четири бандажи, наместо на гуми, се спуштил по удолницата пред нивните домови.
Овие граѓани веќе ги собрале потписите со кои до вечерва од Сообраќајна полиција на Полициска станица Велес ќе бараат поголема заштита за себе, за своите семејства, особено за децата како и за домашните љубимци токму од несовесни возачи и нивни не регистрирани возила кои се движат со голема брзина во двата правци по улицата.
-За да се уверат во тоа што нам ни се случува мора сообраќајни полицајци да патролираат по улицата. И покрај пишувањата на медиумите до денеска во овој дел на градот не видовме ни една полициска екипа ниту да дојдат инспекторите на општината, револтирано раскажуваат граѓаните
Исто така, жителите на оваа улица во текот на утрешниот ден најавија дека ќе се жалат и во Општина Велес. Од сообраќајниот инжинер ќе бараат да ги заштити со поставување на соодветни сообраќајни знаци и други мерки за безбедност.
И екипата на Дума.мк денеска беше сведок на автомобил кој влечејќи товарена гарнитура за седење во товарна приколка залепи за ѕид три жени во најтесниот дел на „Прохор Пчински“. Тоа се случи околу 12: 40 часот токму на вкрстувањето на оваа со улицата што води кон Црна Џамија. Возачот го управуваше возилото со вклучена сирена и голема брзина за да може да ја извлече приколката по угорницата додека трите жени немаа време за да се вратат назад или истрчаат напред па избраа да се „залепат“ за ѕидот на куќата додека пред нив не одлета автомобилот и приколката. Сведоци на оваа глетка беа најмалку десеттина граѓани кои се враќаа од погреб на гробиштата на црква „Свети Спас“.
За проблемите на граѓаните во овој дел на Велес, Дума.мк, пришуваше пред дваесет дена. Засега решение нема.
Убавка Јаневска